• понеделник, 25 ноември 2024

ОПМ: Сметките за струја се високи, а наплатата на вода е паушална

ОПМ: Сметките за струја се високи, а наплатата на вода е паушална

Скопје, 30 август 2023 (МИА) - Вкупно 37 отсто од граѓаните се незадоволни од наплатата на вода, а 62 процента не се задоволни од испораката на електрична енергија, покажува најновото истражување на Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

Според претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, до ОПМ стигнале поплаки од станари на згради кои воопшто не добивале сметки за вода.

-Има поплаки и за висината на сметките за струја, но и за пресметковниот период за кој се однесува сметката. Симптоматично е и читањето на водомерите. Граѓаните очекуваат да се отчитуваат, тие не се отчитуваат, наплатата е паушална, но затоа, секој граѓанин има можност од својот струјомер да прочита и даде барање за корекција на сметката. Имавме поплаки од цели згради дека сметките за вода не им стасуваат на луѓето во сандачињата. Тоа е еден од проблемите. Како сакате да си ги плаќаме сметките ако не знаеме колку да платиме. Самите граѓани, особено повозрасната категорија, се јавуваат и кажуваат колку им е водомерот, иако не е отчитан. И тоа така ноншалантно се прифаќа поради што навистина сме загрижени, изјави Лончар Велкова.

Според неа, иако биле изгаснати светлата низ повеќето општини, граѓаните секако плаќале струја. Тие искажале незадоволство и од јавниот превоз, а немаат, како што рекле, и доверба дека нешто конкретно ќе се превземе и ќе се реши.

Според Лончар Велкова, Комисијата за заштита на конкуренција би требало да реагира за да види дали има некакво здружување на трговците по толкавото, како што истакна, „плафонирање“ на цените

-Вкупно 60 проценти од испитаниците се незадоволни од испорака на услуги од јавните препријатија. Потребно е точно дефинирање на јавните услуги за да се обезбеди подобра услуга. Имаме голем проблем со јавните услуги, и на локално, општинско, но и на централно ниво. Ова е проблематична област, а граѓаните за неа одвојуваат голем дел од семејниот буџет. Притоа, нема систем за заштита. Давателите на услуги мора да им овозможат на граѓаните приговор и треба да бидат опоменати или казнети ако не го исполнуваат тоа правило. Приговорот може да го овозможат и онлајн и директно кај нив, во службените простории, нагласи Лончар пред презентацијата на Прирачникот за енергетска сиромаштија во земјава, осврнувајќи се на новиот закон за потрошувачи.

Со новиот закон, како што информира, опфатен е „ранливиот потрошувач“ кој, меѓу другото, не треба да се исклучува од системот за време на грејната сезона. Но, Владата треба, а се уште не донела, како што рече Лончар, подзаконски акт, за да се дефинира „ранливиот потрошувач“.

Во законот се дефинираат правата на „ранливиот потрошувач“ во однос на добивањето јавни услуги, а има и посебен сегмент - „потрошувачки приговор“ кој може да се однесува за се што е поврзано со давателите на јавните услуги. мч/

фото: МИА и МИА архива

Остани поврзан