ОН ја прекина испораката на храна на северот на Етиопија поради кражба на храна
- Светската програма за храна на ОН ја прекина испораката на храна во северна Етиопија поради внатрешна истрага за кражба на храна наменета за гладните, соопштија четворица хуманитарни работници.
Тиграј, 2 мај 2023 (МИА) - Светската програма за храна на ОН ја прекина испораката на храна во северна Етиопија поради внатрешна истрага за кражба на храна наменета за гладните, соопштија четворица хуманитарни работници.
Светската програма за храна е одговорна за доставување донации од ОН и други партнери во регионот Тиграј во Етиопија, кој беше сцена на двегодишна граѓанска војна која заврши со прекин на огнот во ноември минатата година. Повеќе од пет милиони луѓе во тој регион каде живеат околу шест милиони зависат од помош.
Светската програма за храна ги известила своите партнери на 20 април дека привремено ја прекинува испораката на храна за Тиграј поради извештаи за проневера, изјави еден од четворицата хуманитарни работници за американски медиуми, а останатите тројца ја потврдија информацијата. Сите четворица побараа анонимност бидејќи не се овластени да разговараат со новинарите на оваа тема.
Минатиот месец американски медиуми јавија дека агенцијата за храна на ОН истражува случаи на проневера и пренасочување на хуманитарна помош во Етиопија, каде на 20 милиони луѓе им е потребна помош поради катастрофалната суша и конфликти. паг/