• понеделник, 23 декември 2024

ОН: Либан се соочува со најсмртоносниот период во последниве години

ОН: Либан се соочува со најсмртоносниот период во последниве години

Бејрут, 27 септември 2024 (МИА) - Обединетите нации денеска соопштија дека засилените израелски напади врз екстремистите на Хезболах доведоа до тоа Либан да се соочи со најсмртоносниот период во последниве години, а болниците се преполни со жртви.

- Неодамнешната ескалација во Либан е ништо помалку од катастрофална, изјави Имрам Риза, хуманитарниот координатор на ОН во Либан.

- Сведоци сме на најсмртоносниот период во Либан во една генерација и многумина стравуваат дека ова е само почеток, рече Риза на новинарите во Женева преку видео линк од Бејрут.

Тој посочи дека само во понеделник, бројот на жртви бил околу половина од вкупниот број од 1.200 загинати за време на 34-дневната војна помеѓу Израел и Хезболах во 2006 година.

- Нивото на раселување, нивото на траума, нивото на паника е огромно, рече Риза и предупреди дека здравствениот сектор во Либан е сосема преоптоварен.

- Настаните од минатата недела, вклучително и експлозиите на комуникациски уреди, речиси целосно ги исцрпија медицинските залихи, рече Риза, оценувајќи дека поради последната ескалација на насилство и преполнетите болници, системот се бори со ограничени ресурси за да одговори на растечките потреби.

Дека болниците во Либан се преоптоварени, потврди и Маргарет Харис, портпаролка на Светската здравствена организација (СЗО).

Таа потсети дека експлозиите на пејџери и токи-воки уреди предизвикале многубројни сериозни повреди на очите и рацете, за што е неопходен специјализиран третман.

Уште 777 луѓе сè уште се во болниците по тие експлозии, а 152 лица се во критична состојба, што значи дека нема наскоро да излезат од болница.

Во исто време, 37 здравствени установи се затворени низ цел Либан поради судирите.

Харис изјави дека агенциите за помош се подготвувале за можен голем број ранети во Либан во случај на ескалација на прекуграничните судири, започнати на 8 октомври минатата година, но не очекувале дека последиците ќе ги почувствуваат толку многу луѓе. ссм/

фото: архива

Остани поврзан