„Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“, единствен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор (ДПЛ)
- - Бидејќи има само еден понудувач нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е се во ред би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот. - Треба да се има предвид известувањето од ДКСК дека во периодот до завршување на изборите не смее да се отуѓува државен капитал. Бидејќи радиофрекфенциите се државен ресурс со кој управува државата и во случајот ќе се отуѓат, финалната одлука доколку е се во ред ќе се донесе по завршување на изборите, појасни Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата за спроведување на тендерот.
Скопје, 22 август 2025 (МИА) - „Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“, е единствената компанија која достави понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобренија за нов мрежен оператор.
Комисијата за спроведување на тендерот денеска на отворањето на понудите во АЕК констатираше дека понудувачот ги доставил сите документи. Бидејќи се распишани локалните избори, одлуката, доколку е се во ред со документацијата, ќе биде донесена по завршување на изборниот процес.
- Три заинтересирани страни подигнаа тендерска документација, но официјално доставена е само понуда од еден понудувач. Сите документи од понудувачот се доставени. Ќе се продолжи согласно законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК, со предлог што да се направи како следен чекор, рече Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата.
Бидејќи има само еден понудувач, појасни, нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е се во ред би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот.
- Треба да се има предвид известувањето од ДКСК дека во периодот до завршување на изборите не смее да се отуѓува државен капитал. Бидејќи радиофреквенциите се државен ресурс со кој управува државата и во случајот ќе се отуѓат, финалната одлука доколку е се во ред ќе се донесе по завршување на изборите, укажа Бојаџиев.
Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

Бране Ѓуровиќ, извршен директор на ОНЕ Македонија, изјави дека учеството на тендерот е потврда на нивната претходно искажана намера за влез на македонскиот пазар и во регионот.
- Доставивме понуда на тендерот, останува да помине временскиот период во кој регулаторната агенција ќе утврди дали сите документи се согласно законот. Според условите на тендерот почетокот на сервисот е до крајот на 2026 година, така што по носењето на официјалната одлука од страна на АЕК ќе почнеме со официјален процес на воспоставување нова мобилна мрежа во Македонија. Најдоца до крај на 2026 година мора да почнеме операција во најмалку еден град во Македонија, може да биде и порано, но тоа е краен рок кој го користиме како ориентација за нашите плански активности, изјави Ѓуровиќ.
Со тендерот АЕК доделува одобренија А1 за радиофреквенциски опсег 703-713/758-768 MHz (2x10 MHz), Б1 за радиофреквенциски опсег 1775-1785/1870-1880 MHz (2x10 MHz) и C1 за радиофреквенциски опсег 3.5-3.6 GHz (1x100 MHz). Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за А1 изнесува 4.200.000 евра, за В1 е 1.500.000 евра, а за С1 е 2.320.000 евра. Доколку има позитивна одлука за понудата на ОНЕ Македонија телекомуникации, компанијата во рок од 10 дена треба да ја уплати разликата помеѓу понудената цена на еднократниот надоместок за одобрението и уплатениот депозит на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија во денарска противвредност по среден курс на Народна банка.
Унгарската компанија на 12 декември лани поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изрази интерес за трет мобилен оператор. АЕК на 22 април годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање, на која писмa за искажување интерес покрај ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, доставија и Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и е& ппф Телеком Груп Б. В. Бидејќи имаше повеќе од еден заинтересиран за истите радиофреквенции и согласно законот требаше да се продолжи со постапка со јавен тендер со јавно нададавање. Откако АЕК доби согласност од Владата за утврдување на најниската висина на еднократниот надомест и начинот на плаќање донесе одлука за распишување трендер, а вчера беше последен ден за доставување на понудите. Тендерска документација подигнаа три заинтерсирани страни, но официјално доставена е понуда од еден понудувач, што според Комисијата е причина постапката да продлжи без јавно наддавање.
Како што изјави претходно за МИА професорот Тони Јаневски, од Институт за телекомуникации на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, влезот на нов мобилен оператор, со сопствена инфраструктура, доколку се реализира ќе биде одлична работа за сите во Македонија, бидејќи може само да ја прошири понудата на телекомуникациски мобилни услуги, да ја зголеми конкуренцијата и дополнително да го раздвижи и да го подобри телекомуникацискиот односно дигиталниот пазар кај нас.
Новиот оператор ќе треба да добие различни фреквенциски опсези, пред се за 5Г, како за покривање во руралните подрачја, така и за капацитет во урбаните подрачја за работа како мобилен оператор со своја инфраструктура.
- Секако генерално пазарот на мобилна телефонија (генерално мобилни услуги, односо сервиси), сега е заситен во секоја земја. Тоа значи дека сите кои сакаат да имаат пристап до мобилни услуги веќе имаат, така што секој нов мобилен оператор ќе цели да преземе дел од пазарот од постоечите мобилни оператори и/или да навлезе на пазарот со сервиси кои се помалку достапни на пазарот, па за евентуалниот нов мобилен оператор клучно ќе биде да обезбеди одличен баланс меѓу трошоците за изградба на инфраструктура, која секако ќе трае со години, а потоа квалитетот на сервисите кои ќе ги понуди (покреност со мобилната мрежа, надежност на мрежата, битски брзини на различни локации во мрежата и нивна одржливост, доценење од крај до крај, итн) и цената на сервисите за даден квалитет на сервисот, за граѓаните и за бизнисите, изјави Јаневски.
Заклучно со првиот квартал од годинава во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, од кои најголем удел имаат двата мрежни оператори, А1 Македонија, 47,69 проценти и Македонски Телеком со 46,66 проценти. Удел од 3,38 проценти има М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година, 1,34 проценти на Телекабел, 0,38 проценти Мтелмобајл, 0,10 проценти Греен мобиле.
Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во првите три месеци од годинава Македонски Телеком има удел од 49,77, А1 Македонија од 47,71 процент, МТЕЛ, 1,34 проценти,Телекабел, 0,81 процент, Мтелмобајл, 0,25 проценти, Греен Мобиле, 0,12 проценти.
Влезот на новиот оператор е во услови кога од услугите на телекомуникацискиот пазар најниско задоволство има од цените на мобилната телефонија со 55,9 проценти.лв/вј/
Фото: МИА