• петок, 17 април 2026

Омерагиќ: Поддршката од УЕФА силен поттик да продолжиме со реформите

Омерагиќ: Поддршката од УЕФА силен поттик да продолжиме со реформите

 

Скопје, 16 април 2026 (МИА) – Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, сумирајќи ги впечатоците од денешните разговори со првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, ја нагласи добиената поддршка за продолжување на реформите за развој на македонскиот фудбал.

Чеферин во придружба на директорот за национални асоцијации во УЕФА, Зоран Лаловиќ и раководителот за развој на национални асоцијации во УЕФА,Денис Бастари, денеска оствари работна посета на Скопје на покана на Омерагиќ.

„Посетата на Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ му одаде признание на Чеферин за справувањето со предизвиците со кои се соочува европскиот фудбал.

„Чеферин со знаење, храброст и одлучност го води европскиот фудбал низ големи предизвици во изминатите години и сите сме уверени дека и понатаму, на ист начин како досега, ќе го штити и развива европскиот фудбал. Се покажа како личност која е способна истовремено комерцијално да ги развива елитните натпреварувања на УЕФА, од Лигата на шампионите до Европското првенство, а истовремено да ја чува базата и да инвестира во развојот на фудбалот низ цела Европа. Горди сме на одличната соработка на нашата федерација со УЕФА“, истакна Омерагиќ.

Во рамки на посетата, претседателот на УЕФА имаше прием во македонската Влада и разговори со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски. ег

ФОТО: ФФМ

Остани поврзан