• петок, 22 ноември 2024

Олимпискиот оган тргна од античка Олимпија кон Токио

Олимпискиот оган тргна од античка Олимпија кон Токио
Атина, 12 март 2020 (МИА) - Во античкиот храм на божицата Хера, во древна Олимпија, од зраците на сонцето беше запален олимпискиот оган за ЛОИ и започна штафетното предавање на патот кон Токио. За прв пат во историјата, првата и последната штафета на грчка територија им е доверена на жени, а олимписката шампионка на Грција во стрелање Ана Коракаки, го почна штафетното предавање. Свечената церемонија, поради превентивните мерки за коронавирусот се одржа без публика, со само 100 поканети претставници од Меѓународниот олимписки комитет и организациониот комитет „Токио 2020“ и со намален број новинари, a во присуство на претседателот на Грција Прокопис Павлопулос, претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет Томас Бах, претседателот на Грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос, потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, како и претставници на грчката влада, јави дописничката на МИА од Атина. Според информациите во грчките медиуми, Схинас ќе биде дел и од штафетното предавање на олимпискиот оган. Олимпискиот оган преку 31 грчки град, по поминати 3500 километри, 15 археолошки локалитети, 3500 километри, 822 наутички милји, следната седмица, на 19 март, ќе пристигне на Олимпискиот стадион во Атина и ќе им биде предаден на организаторите на Летните олимписки игри во Токио. Олимпискиот оган ќе патува на Пелопонез, оттаму преку атинското пристаниште Пиреас ќе стигне на островот Крит, па повторно назад во грчката престолнина за да замине за северна Грција и на крај, по седум дена да се врати во Атина и да преноќи на Акропол пред да им биде предаден на организаторите. Во штафетното пренесување на факелот со олимпискиот пламен низ Грција, оваа година, за прв пат имаа можност да учествуваат и обичните граѓани, а во грчкиот Олимписки комитет стигнале 2.500 пријави. Летните олимписки игри во Токио ќе се одржат од 24 јули 2020 до 9 август 2020. ср/зс/

Остани поврзан