Олгин: Ќе работиме на резултати во мерките за градење доверба до следната средба во јули за кипарското прашање
- Сакаме на средбата во јули да имаме конкретни резултати од мерките за градење доверба договорени во март, рече личната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Анхела Олгин по средбата во Никозија со претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 24 мај 2025 (МИА) – Сакаме на средбата во јули да имаме конкретни резултати од мерките за градење доверба договорени во март, рече личната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Анхела Олгин по средбата во Никозија со претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
По средбата, што траела околу 75 минути, што воедно е прва откако Олгин одново беше назначена на конкретната позиција, рече дека ќе работат напорно, но и изрази задоволство што е повторно на Кипар.
- Ја имав мојата прва средба со претседателот Христодулидис и се согласивме дека треба напорно да работиме овој месец до следната средба со генералниот секретар на ОН во јули, за да постигнеме некои резултати врз основа на договорот што го имаа на состанокот во март, рече Олгин.
На прашањето што подразбира кога вели конкретни резултати, објасни дека се работи за мерките за градење доверба договорени пред два месеци и посочи дека идеално ќе биде да има резултати за сите шест мерки.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис рече дека на тет-а-тет средбата на Христодулидис со Олгин бил разгледан напредокот во спроведувањето на шесте точки одлучени на неформалниот проширен состанок во Женева, а претседателот на Кипар изразил подготвеност за заедничка средба со лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар во присуство на Олгин.
Додаде дека очекуваат да бидат информира по средбата што Олгин ќе ја има со Татар в понеделник.
Дополнително, соопшти дека Христодулидис и личната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање во текот на следната седмица ќе одржат и втора средба. ср/
Фото: Кабинет на претседателот на Кипар