• недела, 22 декември 2024

Олга Панго и Васо Ристов го посетија Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија

Олга Панго и Васо Ристов го посетија Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија
Софија, 8 јули 2022 (МИА) - Националната опера и балет на Северна Македонија денеска гостува со балетската претстава „Дамите од Авињон“ на Софискиот музички театарски фестивал. Поради лошото време, претставата ќе биде изведена во Музичкиот театар во Софија, а не во Воената академија Парк, како што беше претходно планирано. Примабалерината и кореограф на МОБ Олга Панго и директорот на Балетот на Националната опера и балет - Скопје Васо Ристов, го посетија Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, јави дописникот на МИА. Панго изрази надеж дека и во иднина ќе има многу добра соработка со Бугарскиот музички театар и изјави дека луѓето од уметноста не треба да се занимаваат со политика и да ги продолжат сите добри проекти и работи со Бугарија. Директорот на МОБ, Ристов, изрази надеж дека претставата „Дамите од Авињон“ ќе ја претстави Северна Македонија пред бугарската јавност во многу добро светло. Директорката на Бугарскиот музички театар, Марија Луканова, која беше и во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, рече дека ако чекаме целосно да поминат глобалните политички настани и Ковид-19, ќе биде потребно многу време, а времето на уметниците е значително кратко за креативни изведби. Таа рече дека овој фестивал има за цел да го прикаже музичкиот и модерниот балет и годинава ќе има можност да ги излезе надвор од границите. Луканова изрази надеж дека ова ќе биде почеток на пријателство и партнерство не само на сцената, туку и во меѓучовечките и колегијалните односи. Во рамките на Софискиот фестивал на музички театар на голема сцена во Музичкиот театар, Олга Панго зборуваше на работилница за современите танцови трендови во класичниот балет. Таа го сподели и своето искуство за начините на оценување на кореографијата во мјузиклите и за потребата од нови движења во современите балетски и танцови претстави. Вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски, рече дека толку голема и сериозна културна институција одамна не била во Софија. Тој најави дека е потпишан договор за културна соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, што дава можност за уште многу учества на Македонската опера и балет во Бугарија и на други музички фестивали и посака успех на вечерашната изведба на „Дамите од Авињон “. нк/аа/

Остани поврзан