• четврток, 25 декември 2025

ОКТА донираше фотоволтаична централа за Центарот за обука на МВР

ОКТА донираше фотоволтаична централа за Центарот за обука на МВР

Скопје, 18 октомври 2025 (МИА) - Нова фотоволтаична централа со инсталиран капацитет од 39,6 киловати ќе ги опслужува енергетските потреби на Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово каде се одвива основна и специјализирана полициска обука. Централата е донација на ОКТА во рамки на активностите на компанијата за унапредување на квалитетот на животот на заедницата во објекти од јавен интерес.

Главниот извршен директор на ОКТА Димитриос Пасхос нагласи дека компанијата останува посветена на реализација на инвестиции во зелена енергија, кои имаат значајно позитивно влијание во заедницата.

-Покрај другите проекти во енергетиката, ОКТА активно реализира иницијативи во областа на зелената енергија. Нашето стекнато искуство сакаме да го ставиме во функција на заедницата и заедно со нашите партнери да спроведеме активности кои ќе имаат значајно влијание и ќе поттикнат нови проекти во оваа област. ОКТА останува посветена на овој процес и во иднина ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката со партнерите и заедницата. Искрено верувам дека оваа донација ќе донесе нова вредност за Центарот за обука и ќе овозможи негов развој, потенцира Пасхос.

Новата фотонапонска централа ќе има годишно производство од 53,46 мегават часови зелена енергија. Со нејзиното функционирање Центарот за обука ќе намали емисија на јаглероден диосид за 42,7 тони годишно, што претставува значаен придонес кон намалување на јаглеродниот отпечаток и заштита на животната околина.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека донацијата ќе има големо влијание врз напорите за што поголемо користење на зелена енергија во јавните институции.

-Оваа фотонапонска централа ќе придонесе за модернизација на енергетската инфраструктура на нашиот Центар за обука, кој е една од стратешките институции на МВР. Дополнително преку оваа донација, Центарот за обука ќе користи чист извор на енергија, што ќе ги намали трошоците на МВР за енергија, а средствата ќе може да се пренасочат во други развојни проекти од интерес на институцијата. Ваквите партнерства се пример како државата и приватниот сектор можат заеднички да градат одржлива иднина и се охрабрување и до другите компании да следат вакви практики, изјави Тошковски.

Во рамките на својата долгогодишна соработка со МВР, ОКТА активно придонесува кон зголемување на безбедноста во сообраќајот преку платформата „Јас внимавам“. Како дел од оваа кампања, компанијата донираше фотоволтаични сообраќајни знаци поставени во близина на повеќе основни училишта, со цел подобра заштита на најмладите учесници и подигање на јавната свест за одговорно учество во сообраќајот.

Последната донација е дел од континуираните инвестициите на ОКТА во обновливи извори на енергија. Компанијата досега донираше фотоволтаични системи на повеќе образовни институции, односно училишта и градинки низ државата. Во наредниот период се планирани уште неколку инсталации на фотоволтаични системи на јавни установи како донација од ОКТА.вј/са/

Фото: ОКТА

Остани поврзан