• понеделник, 02 февруари 2026

Округот Корча им додели благодарници на македонски фолклористи од Општина Пустец

Округот Корча им додели благодарници на македонски фолклористи од Општина Пустец

Пустец, 2 февруари 2026 (МИА) - На посебна свеченост, Округот Корча, каде територијално припаѓа Општина Пустец, на тројца македонски фолклористи, од оваа општина,  им додели посебни благодарници за придонесот во негувањето на македонскиот фолклор и традиција.

-Со гордост и длабока почит се сеќаваме на тројца фолклористи кои ѝ дадоа душа на македонската песна, оро и традиција на Мала Преспа. Оставија траен белег во негувањето и пренесувањето на генерациите на основниот белег на македонската заедница, рече меѓу другото Петрика Толкучи, претседател на Советот на округот Корча,  на доделувањето на признанијата.  

Според градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, признанија им се доделени на две играорки, додека постхумно и на познат кларинетист.

-Повеќе од заслужено признанија добија Панделина Камбо (Вурмо), играорка која ги осветлуваше фолклорните сцени во 70-тите години,  Менка Мауми (Терпо), симбол на преспанското оро во 80-тите години и потсухно Тако Каче, кларинетистот кој со своите звуци ги допре срцата на цели генерации.  Тоа е во знак на вечна благодарност за нивниот непроценлив придонес во нашето културно наследство, рече Колефски за МИА.

Додаде дека денеска, по нивните стапки, фолклорната група „Преспа“ ја одржува жива традицијата и нè претставува достоинствено насекаде.

Порача дека Општина Пустец секогаш ќе биде поддршка на уметниците кои го чуваат идентитетот, вредностите и духот на овој крај. вт/вј/

Фото: Општина Пустец

Остани поврзан