• недела, 22 декември 2024

„Оејзис“ во битка против влезниците непрописно купени за препродажба

„Оејзис“ во битка против влезниците непрописно купени за препродажба

Лондон, 29 октомври 2024 (МИА) - Како непрописно купени за препродажба, илјадници билети за претстојните концерти по обединувањето на „Оејзис“ (Oasis), ќе бидат поништени. Тоа го потврдија и промоторите на бендот.

Имено, организаторите соопштија дека ќе откажат повеќе од 50.000 влезници за настапите на поп-рок составот во Велика Британија, коишто биле препродавани заради непрописна заработка. Тие нагласија дека сите откажани билети повторно ќе бидат достапни по основната цена на „Tикетмастер“ (Ticketmaster) - официјалната страница за издавање влезници.

Во август беа пуштени во продажба 1,4 милиони билети, со најавата за турнејата, првично со концерти во Лондон, Манчестер (Англија), Кардиф (Велс), Единбург (Шкотска) и Даблин (Р. Ирска). Најавени се и настапи во Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија.

Како што и можеше да се очекува, илјадници билети се појавија во препродажба за само неколку часа по првичната прописна продажба. За обожавателите кои сакаат да ги продадат своите влезници, промотерите го препорачаа официјалниот канал „Tикетмастер“ и овластениот партнер за препродажба „Tвикетс“ (Twickets), коишто овозможуваат продажба по основна цена.

Луѓето кои веруваат дека нивните билети се откажани по грешка, треба да го контактираат агентот преку е-поштата што ја добиле кога биле известени за откажувањето, истакнуваат промоторите.  си/ссм/

Фото: „Фејсбук“

Остани поврзан