• вторник, 05 ноември 2024

Од Скопје и Охрид ќе се лета до 48 дестинации, раст на патничкиот, пад на карго сообраќајот

Од Скопје и Охрид ќе се лета до 48 дестинации, раст на патничкиот, пад на карго сообраќајот
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) -  Со зимскиот распоред на летови  што почнува утре (30 октомври) од скопскиот аеродром ќе има вкупно 41 дестинација, до каде ќе летаат 13 авиокомпании, а на охридскиот аеродром седум редовни дестинации со четири авиокомпании. Разликата со летните распореди на летање се само сезонските летови и на скопскиот и на охридскиот аеродром. - Скопскиот аеродром има стабилен сообраќај во текот на целата година, без големо влијание од сезонскиот сообраќај, додека охридскиот аеродром има редовен сообраќај во текот на целата година, со висок пик во летните месеци поради туристичкиот карактер на аеродромот - односно поради фактот што опслужува туристичка дестинација. За нови линии - постојано имаме состаноци и преговори со авиокомпаниите, но додека немаме официјална потврда од нивна страна, не можеме да објавиме нова авиолинија. Штом имаме, ќе ја информираме јавноста, изјави за МИА Метин Батак, генерален директор на „ТАВ Македонија“. Во првите девет месеци од годинава на двата аеродрома има зголемување од 82 проценти на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, а намалување од 9,6 проценти кај карго сообраќајот. - Споредено со 2019 година, која  ја сметаме за референтна година во воздухопловството, бидејќи беше пред да се појави Ковид-19, нивото на патнички сообраќај е -12 проценти или сме на 88 проценти од патничкиот сообраќај што го имавме во 2019 година. Во однос на карго-сообраќајот, во првите девет месеци од годинава има волумен од 2407 тони, што е намалување од 9,6 проценти во однос на истиот период од 2021 година. И покрај тоа што имаме зголемување на увезените карго пратки, поголемото намалување на извезените карго пратки во исто време придонесува вкупниот волумен да биде помал од лани, информира Батак. Економската и енергетската криза нема негативно влијание врз бројот на патници и има значителен пораст на патничкиот сообраќај на двата македонски аеродрома. Меѓутоа, посочува Батак, кога ќе го погледнеме падот на карго-сообраќајот, главната причина за овој тренд е војната Русија-Украина и затворањето на Кина како економија цели два месеци, поради нивната политика за заштита од Ковид-19. - Овие две глобални состојби придонесоа за намален извоз на карго стоки од скопскиот аеродром на споменатите пазари. Во 2021 година имавме зголемени карго чартер летови поради зголемениот извоз на компаниите од слободните економски зони, но оваа година ситуацијата беше целосно променета и поради тоа резултираше со пад на овој вид на авиосообраќај, објаснува Батак. Од ТАВ Македонија очекуваат во 2023 година позитивниот тренд на пораст на патничкиот сообраќај да продолжи со повисока стапка. - Очекуваме дека целосно ќе закрепнеме од ударот на Ковид-19 и ќе ги постигнеме нивоата на патнички воздушен сообраќај што ги имавме во 2019 година. Разбираме дека потрошувачката моќ на граѓаните може да се намали, но знаеме и дека сите имаат заштедено пари на страна за патувања, особено по последните две години кога луѓето се воздржуваа од трошење. Затоа, мислиме дека луѓето ќе продолжат да претпочитаат авионски превоз наместо копнен превоз, бидејќи тој е побрз, овозможува удобност и погодност за патниците. Особено за туристичките патувања, односно патувањата заради одмор и рекреација. Ако автомобилскиот транспорт значи возење со денови за да стигнете до посакуваната дестинација, качувањето во авион значи дека само 2 до 3 часа ве делат од посакуваната дестинација, изјави Батак. Откако на 1 март годинава истече договорот за субвенционирани летови од државава со „Виз Ер“, Министерството за транспорт и врски на почетокот на минатиот месец до Владата достави нова уредба со која дефинираше нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии. - Ќе може да се вклучат што е можно повеќе оператори и да не се врзуваме само за еден. Исто така, го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, се со цел да овозможиме што повеќе дестинации за граѓаните и да го развиеме авиосообраќајот, информираше во интерву за МИА ресорниот министер Благој Бочварски. На двата аеродрома во државава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милиони патници (1 811 168) и се реализирани 14.823 летови. Статистиката за патничкиот сообраќај на „ТАВ Македонија“ покажува дека дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 13 проценти пазарен удел); Виена (6,3 проценти); Цирих (6,2 проценти); Базел Милуз (6,2 проценти); Анталија (5,4 проценти); Минхен Меминген (4,1 процент); Дортмунд (3,8 проценти); и Келн (3,1 процент). Топ пет држави со директни летови се: Германија (23,7 проценти пазарен удел); Турција (20,1 процент); Швајцарија (14,2 проценти); Шведска (6,8 проценти); и Австрија (6,3 проценти). Најголем број патници во првите девет месеци од годинава превезе Виз Ер (58,2 проценти пазарен удел), по што следат Туркиш Ерлајн (12 проценти); Пегасус ерлајн (6,4 проценти); Аустријан (6,3 проценти) и Чер Ерлајнс со пет проценти. На охридскиот аеродром, пак, најфрекфентна дестинација за патување е Виена со 17,9 проценти пазарен удел, потоа Базел (15,4 проценти), Цирих (13,9 проценти), Малме (10,3 проценти), Меминген (10,2 проценти), Амстердам (9,2 проценти), Фридрихсхафен (8,7 проценти), Дортмунд (7,8 проценти), а останатите дестинации се со пазарен удел од 1,4 проценти. Во првиот квартал годинава со почетокот на војната Русија - Украина, запреа авиолиниите што беа воведени во тек на ковид пандемијата во 2020 и 2021 година, Москва и Санкт Петербург од „Нордвинд“ и Киев со „Виндроуз“. Само два месеца годинава оперативна беше рутата Скопје – Софија на бугарската авиокомпанија „ГуливЕр“, која почна во март, а запре на крајот на мај. Зимскиот распоред на летање ќе биде во сила до 25 март следната година. Патниците можат да го проверат на: skp.airports.com.mk и ohd.airports.com.mk. Лидија Велковска фото МИА Архива

Остани поврзан