• понеделник, 23 декември 2024

Од почетокот на годинава се регистрирани повеќе од 18.700 случаи на вирусот мпокс

Од почетокот на годинава се регистрирани повеќе од 18.700 случаи на вирусот мпокс

Наироби, 17 август 2024 (МИА) - Од почетокот на годината, во Африка се регистрирани 18.737 потврдени или сомнителни случаи на инфекција со вирусот мпокс, од кои 1.200 се случиле во последните седум дена, објави здравствената агенција на Африканската унија (Африка ЦДЦ).

Според податоците на здравствената агенција на Африканската унија, регистрирани се повеќе варијанти на вирусот, а потврдени се 3.101 случај, 15.636 се сомнителни за вирусот, а 541 лице починале во 12 земји на континентот.

Повеќе случаи се регистрирани од почетокот на 2024 година отколку во текот на целата 2023 година (14.838), наведува агенцијата.

Во Демократска Република Конго, која е епицентарот на епидемијата, регистрирани се речиси сите потврдени случаи, а има и најмногу сомнителни случаи, вели истиот извор.

Од почетокот на 2024 година се регистрирани повеќе од 500 смртни случаи.

Случаи се пријавени во 26 провинции на земјата, која има околу 100 милиони граѓани.

Во Бурунди, кој граничи со ДРК, регистрирани се 173 случаи (39 потврдени, 134 сомнителни), што е зголемување за 75 проценти за една недела.

Во Африка се шири нов вид на вирус кој беше откриен во Демократска Република Конго во септември 2023 година, наречен „клад Иб“, кој е посмртоносен и попренослив од претходните.

Првите случаи на мпокс беа пријавени и надвор од Африка оваа недела, во Шведска и Пакистан.

Поради оживувањето на мпокс, СЗО во средата прогласи глобална здравствена вонредна состојба, највисоко ниво на тревога.

Претходно, Африканските центри за контрола на болести прогласија вонредна состојба во јавното здравство.

Мпокс, порано наречена мајмунска сипаница, е вирусна болест која се шири од животните на луѓето, но се пренесува и преку близок физички контакт со лице заразено со вирусот. Симптомите вклучуваат осип и симптоми слични на грип. Ако не се лекува може да биде фатално.

Новиот вид предизвикува осип по целото тело, додека претходните соеви предизвикувале локализиран осип на устата, лицето или гениталиите. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан