• сабота, 23 ноември 2024

Од „Вреди“ согласни да се испрати предлог законот за правична застапеност до Венецијанската комисија

Од „Вреди“ согласни да се испрати предлог законот за правична застапеност до Венецијанската комисија

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерот за здравство Арбен Таравари се на став дека за законското решение за правична застапеност ќе има јавна дебата и дека Предлог законот треба да се испрати до Венецијанската комисија. 

Меџити во изјава за медиумите рече дека се работи на драфт верзијата, а Таравари дека предлог решението е готово и дека се консултирани домашни и меѓународни експерти.  

- Законот не е испратен во Влада, меѓутоа законот е готов, консултирани се експерти од земјава и меѓународни експерти и наскоро се надевам треба да се формираат работни групи во склоп на Владата, Парламентот и коалицијата за да излеземе со најдобро решение кое ќе биде како Предлог-закон кое потоа ќе се испрати во Парламентот, рече Таравари. 

Портпаролката н Владата Марија Митева денеска на прес-конференција изјави дека до Владата досега не е испратено предлог-решение. 

- Во овој момент нема такво решение коешто е проследено до Владата, ниту на владина седница и за истото веднаш штом се создаде можноста, јавноста ќе биде информирана. Во однос на Балансерот којшто е укинат веќе го кажавме ставот дека истиот ј заврши својата употребна вредност така што целиме кон затворање на прашањата коишто во минатото се покажале како непродуктивни и создавање на нови решенија кои ќе значат навистина правична застапеност, рече Митева на прес-конференција во Владата.

По укинувањето на Балансерот, од коалицијата „Вреди“ најавија дека подготвуваат предлог-законско решение. бак/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан