• петок, 05 декември 2025

Одобрен првиот лек против маларија за бебиња, пристигнува во Африка

Одобрен првиот лек против маларија за бебиња, пристигнува во Африка

Базел, 8 јули 2025 (МИА) - За прв пат, официјално е одобрен лек против маларија специјално дизајнирано за бебиња и мали деца, објави фармацевтската компанија „Новартис“. Лекот, наречен „Коартем Бејби“ (или „Риамет Бејби“), има вкус на слатка цреша и е формулиран да се раствора во вода или мајчино млеко, објавува „Скај њуз“.

Испитувањата на новиот лек се спроведени во осум африкански земји: Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Кенија, Малави, Мозамбик, Нигерија, Танзанија и Уганда, а дистрибуцијата низ целиот континент се очекува да започне во наредните недели.

Досега немаше одобрен лек против маларија за деца со тежина поголема од 4,5 килограми, па затоа бебињата беа третирани со лекови наменети за постари деца. Ова претставуваше висок ризик од предозирање, со оглед на тоа што црниот дроб на новороденчињата не е целосно развиен.

-Повеќето постоечки лекови се тестирани само на деца над шест месеци, бидејќи помладите бебиња генерално се исклучени од клиничките испитувања, објасни професорот Умберто Д'Алесандро од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Се проценува дека околу 30 милиони бебиња се раѓаат секоја година во области со ризик од маларија, а истражувањата покажуваат дека помеѓу 3,4 и 18,4 проценти од нив ја развиваат инфекцијата во првите шест месеци од животот.

„Новартис“ вели дека лекот ќе се дистрибуира со користење на модел близок до непрофитната продажба, така што ќе биде достапен за што е можно повеќе семејства во погодените области. Веста доаѓа во време кога научниците сè повеќе предупредуваат за ширењето на болести што ги пренесуваат комарците, вклучувајќи ја маларијата и денга треската.

Паралелно со развојот на лекови, научниците експериментираат и со генетски модифицирани комарци во обид да го спречат пренесувањето на смртоносни паразити. Целта е каснување од комарец во земји како Малави, Уганда или Танзанија повеќе да не претставува потенцијална закана по животот на децата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан