• недела, 22 декември 2024

Одбележан јубилејот 65 години Машински факултет – Скопје

Одбележан јубилејот 65 години Машински факултет – Скопје

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) – Со свечен Научно наставен совет, презентација на болидот изработен од студенти во рамки на проектот „Формула студент“ со кој ќе учествуваат на меѓународен натпревар и промоција на магистри и дипломирани инженери во календарската 2023 година, Машинскиот факултет од Скопје денеска го одбележа јубилејот  - 65 години од почетокот со работа.

Студиите по машинство започнуваат есента 1959 година на Техничкиот факултет во Скопје во чии рамки беше формиран Електромашинскиот отсек. Во 1965 година, пак, во рамките на  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е основан Електромашинскиот факултет со два оддела – Електро  и Машински по што во 1977 година е формиран Машинскиот факултет.

Факултетот денеска во својот состав има шест институти и еден оддел, а секој од институтите располага со соодветно опремени лаборатории кои ги има вкупно 20 на број. На Факултетот досега дипломирале 8.891 инженер, од кои 827 магистрирале, а 185 докторирале. Во моментов Машинскиот факултет има капацитет да едуцира 1.200 студенти на 10 студиски програми на првиот циклус на студии, 100 студенти на 15 студиски програми на вториот циклус и 20-тина студенти на третиот циклус на студии.

-Ќе направам се што е во наша моќ Машинскиот факултет и во иднина да остане во тек со светските трендови кои се случуваат во науката и едукацијата во полето и областите кои се предмет на наш интерес, порача деканот на Машинскиот факултет проф. д-р Златко Петрески.

Нагласи дека ќе продолжат посветено да работат на создавање на кадри кои, како што рече, ќе бидат способни да ја носат иднината на грбот на своите компетенции и знаења.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова посочи дека машинското инженерство е поле кое од секогаш било во редот на најзаслужните во делот на иновации и развој.

-Тоа е дисциплина која бара не само техничка експертиза, туку  креативност, отпорност и потрага по извонредност. Машинскиот факултет отсекогаш бил светилник на извонредност, место каде што се поттикнува креативноста. Од самото негово основање визијата била јасна – да се артикулира простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат со нови технологии, рече Ангелова.

Студентите, како што кажа, на Машинскиот факултет доаѓаат со соништа, а заминуваат како иноватори и стручњаци кои се подготвени да се справат со предизвиците на утрешнината. Факултетот, пак, секогаш држи чекор со најсовремените научни и технолошки иновации, несебично пренесувајќи ги своите знаења и вештини на студентите. вј/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан