• среда, 27 ноември 2024

Одбележан Меѓународниот ден на универзален пристап до информации од јавен карактер

Одбележан Меѓународниот ден на универзален пристап до информации од јавен карактер
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) – Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер со конференција на тема „За состојбите поврзани со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Северна Македонија“ денеска го одбележа Меѓународниот ден на универзален пристап до информации од јавен карактер. Директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева рече дека ова е многу значаен ден кој што придонесува за развој на демократијата и демократските трендови во општеството кон кое што треба да се движи и нашето општество. Според неа, тоа е еден од принципите на сите современи демократии и европски стандарди кон кои се стреми нашата држава. Бојчева информираше дека од аспект на реактивната транспарентност, односно постапување по примени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, во изминатите три години од постоењето на Агенцијата и од донесувањето и стапувањето на сила на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е забележан значителен напредок. - Бројките го кажуваат тоа. Доколку во изминатите години од првиот закон кога е донесен во 2006 година, имало околу 500-600, па и до 700 жалби, оваа година се примени само 250 жалби од кои 55 се повлечени, поради тоа што во меѓувреме, пред да биде донесено решението на Агенцијата, барателите ја добиле информацијата и по нивно барање жалбата е повлечена, рече таа, дополнувајќи дека досега постапиле со укажување и наложување по 195 жалби. Во однос на прашањето дали се потранспарентни локалните или државните институции, таа истакна дека направиле мониторинг и на единиците на локална самоуправа и на 144 државни институции по случаен избор. - Зависи од институцијата, меѓутоа, морам да забележам дека резултатите се добри и кај едните и кај другите. Имаме многу подобрување. Посебно тука би ги истакнала Министерството за одбрана и Министерството за финансии. Понатаму Министерството за информатичко општество, Владата. Од општините проактивно транспарентни се Општина Валандово и Општина Демир Хисар, рече таа. Директорката посочи дека проактивната транспарентност е активност на која што ќе се посветат во иднина. - Уште повеќе ќе настојуваме да се намали бројот на барање за пристап до информации, а информациите да се објавуваат на веб-страните на имателите на информации, рече Бојчева. Во однос на нетранспарентните институции таа посочи дека „имаат проблем“ со АД „Електростопанство“ (ЕСМ), бидејќи во услови на енергетската криза има повеќе барања кон нив и за жал наместо да постапат по решенија на Агенцијата, тие поведоа управни спорови. Заменик министерот за правда Агим Нухиу, кој присуствуваше на конференцијата, рече дека е дојден за да изрази поддршка. - Ние сме тука да изразиме поддршка, доколку има потреба за измени на Законот во однос на пристапот до јавните информации, тоа да го направиме. Заинтересирани сме да имаме законска рамка и институционалната рамка во кои повеќе ќе се спроведуваат атрибутите на правната држава, рече Нухиу. Данче Даниловска-Бајдевска, авторка на „Анализата на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со препораки за унапредување на системот за слободен пристап до информациите“, посочи дека  студијата е направена со цел да упатат пораки до креаторите на јавните политики како да се унапреди правото за слободен пристап до информации. - Уште од 2006 година го имаме Законот, активно се применува, а наодите во определен дел покажуваат повторување на предизвиците што се појавуваат, како од страна на барателите, така и од страна и на службените лица, односно имателите на информации од јавен карактер, рече таа. Како што информираше Даниловска-Бајдевска, препораките во Анализата се дадени во две насоки. - Тоа е, да се зголеми буџетот на второстепениот орган на Агенцијата за слободен пристап значително, за да може да ги исполнува своите надлежности во целост, односно да се посвети на едукација на имателите на информации, на институциите кои што располагаат со информации од јавен карактер, да може да спроведува голем број на кампањи за да ги едуцира граѓаните дека имаат право на слободен пристап до информации од јавен карактер и да се насочи кон едуцирање на избраните и именуваните функционери, затоа што од политичката волја на некои органи се покажува дека зависи и слободниот пристап до информации од јавен карактер, рече Даниловска-Бајдевска. Вториот сет на препораки, дополни таа, се дадени во насока на минимални измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. - Генерално, оценката во анализата е дека имаме одлична, солидна правна рамка, која што ги вклучува дури и политичките партии да бидат иматели на информации во делот на нивното финансирање, приходите и расходите. Во однос на законските измени, новина што се бара овој пат, е да се зајакнат надлежностите на Агенцијата во насока на тоа да може да врши надзор врз законитоста на исполнување на обврските кои што ги имаат имателите во однос на тоа какви решенија донела Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, рече Даниловска-Бајдевска. ар/сп/

Остани поврзан