• понеделник, 23 декември 2024

Одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 мај

Одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 мај

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) – Со положување на свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, како и на Партизанските гробишта во Бутел, денеска беше одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 мај. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија Талат Џафери, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, денеска пред платото на Владата го одбележаа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа со положување на свежо свеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Евроамбасадорот Дејвид Гир положува свежо цвеќе пред платото на Владата на Република Северна Македонија

Денот на победата над фашизмот се одбележува откако Германија во 1945 година го ратификува актот за безусловна капитулација и беше прогласена победа на антихитлеровската коалиција, додека пак, Денот на Европа се слави откако тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година ја промовираше идејата за нова политичка соработка во Европа како средство за драстично намалување на можностите за нова војна меѓу европските народи, што подоцна стана позната како „Шуманова декларација“.

Европа денеска ја слави годишнината од „Шумановата декларација“, која го даде првиот поттик на она што доведе до создавање на денешната Европската Унија. 

По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. Оваа година по тој повод, Европската унија на 4 мај организираше „отворен ден“, на кој граѓаните можеа да ги посетат седиштата на институциите на Унијата и да се запознаат со начинот на нивното функционирање.

Денот на Европа e прогласен за празник на ниво на ЕУ и е неработен ден за вработените во европските институции. Меѓу членките на ЕУ, 9 мај е државен празник само во Луксембург, додека во Романија тој се поклопува со Денот на независноста на земјата. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан