Објавена „Амбиент“ – книга шеста (2020–2024) на Зоран Иванов
- Од печат излезе „Амбиент“ – книга шеста (2020–2024) (анализи, колумни, коментари, интервјуа…) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Приредувач, редактор и издавач и на оваа книга, како и на претходните „Амбиент“– 1, 2, 3, 3/1, 4 и 5, е Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Од печат излезе „Амбиент“ – книга шеста (2020–2024) (анализи, колумни, коментари, интервјуа…) на Зоран Иванов, еден од бардовите на македонското новинарство. Приредувач, редактор и издавач и на оваа книга, како и на претходните „Амбиент“– 1, 2, 3, 3/1, 4 и 5, е Свето Стаменов, политиколог, поранешен новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист.
„Амбиент“ – 6 фактички е природно продолжение на своевидната пенталогија на Зоран Иванов, која започна со „Амбиент“– книга прва (1990–1994) и „Амбиент“– книга втора (1995–1997), објавени во 1999 година, и која продолжи со „Амбиент“ – книга трета (1997–2012), „Амбиент“– книга трета/1 (2013–2015), „Амбиент“ – книга четврта (2018– 2019) и „Амбиент“ – книга петта (2019–2020).
Во серијата од шесте книги насловени „Амбиент“, се поместени многубројни журналистички трудови на Зоран Иванов. Но, тоа, сепак, е само еден дел од неговото речиси петиполдецениско новинарско творештво на радио, на телевизии, во дневни и периодични весници и на веб-портали. Серијалот „Амбиент“, што го реализира Свето Стаменов, е своевидна трииполдецениска хронологија на македонските турбуленции во периодот од пред и за време на осамостојувањето на Македонија, транзициските премрежија, егзистенцијалните, меѓуетничките, партиско-политичките турбуленции, како и нестабилните меѓународни позиции на државата. Содржини од оригинални, авторски новинарски текстови на теми кои сместени меѓу кориците на шесте „Амбиенти“ на Зоран Иванов, го актуелизираат и ова време сегашно и она натаму идно.
- И во „Амбиент“ – книга шеста Зоран Иванов, како и во претходните пет книги, останува актуелен, уникатно директен. Напати ироничен, но содржаен, покажувајќи ги ретката аналитичка дарба и неверојатиот сенс преку актуелните случувања да ги предочува и наредните неминовни процеси и настани. Неговиот стил е посебно посебен. Неговиот новинарски израз е реторика во пишана форма. Таков е и сега во „Амбиент“– 6. Како и во неговите претходни книги со ист наслов, така и во овој шести „Амбиент“, силно блика неговиот новинарски карактер, неговиот нескротлив новинарски темперамент рамен на новинарска страст, наведува издавачот на публикацијата.
„Амбиент“ – книга шеста содржи 57 новинарски текстови (анализи, колумни, коментари, интервјуа) објавени на веб-порталите Цивил медиа.мк, Инбокс 7.мк, Локално.мк, Прес 24.мк, Види вака.мк, Фронтлајн.мк, како и во Фокус, Нова Македонија, ТВ Канал 5, Канал 77, Нова ТВ и Македонско радио – Радио Скопје, кои се однесуваат на актуелните случувања во земјава во периодот од 2021 до крајот на 2024 година, новинарски содржини на теми од актуелните македонски внатрешни и меѓународни турбуленции, за политиката и политичарите, за клиентелизмот и корупцијата, за вистините и лагите…вг/лв/
Фото: корица