• недела, 24 ноември 2024

О’Брајан: Блинкен во Скопје со колегите од ОБСЕ ќе дискутира за поддршката за Украина

О’Брајан: Блинкен во Скопје со колегите од ОБСЕ ќе дискутира за поддршката за Украина

Вашингтон, 27 ноември 2023 (МИА) - На министерскиот самит на ОБСЕ што на 29 и 30 ноември се одржува во Скопје, делегацијата на САД ја предводи државниот секретар Ентони Блинкен, кој со колегите од ОБСЕ ќе дискутира за поддршката за Украина, но американската страна не знае како ќе се постапи во случај на состанокот да се појави и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и дали ќе има интеракција меѓу двајцата, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

-Американската делегација ќе ја предводи државниот секретар Блинкен. Тој ќе биде таму во среда веднаш по крајот на министерскиот состанок на НАТО. Очекуваме да се ангажира во добра дискусија со колегите од ОБСЕ за поддршката за Украина, изјави денеска на брифинг за новинарите Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

ВО врска со регулирање на нерешените прашање меѓу Србија и Косово тој укажа дека силното присуство на КФОР во северно Косово е гаранција за безбедноста и политичкиот прогрес меѓу двете земји и нивниот пат кон Европа,

-Важно е двете страни да разберат дека какво и да било нарушување на северот од Косово ќе ги соочи со (силите на) НАТО. И дека важен чекор е тоа што забележуваме дека ситуацијата е смирена, изјави тој.

О’Брајан рече дека министерскиот состанок на НАТО во Брисел ќе има три формални сесии: Самитот во Вашингтон во јули 2024 година кога алијансата слави 75 годишнина, Западен Балкан и Украина.

Според него, министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ќе имаат можност да дискутираат за нивните најнови чекори во процесот на проширување на ЕУ и планот за развој на регионот.

-Западен Балкан дава можност за реафирмација на заложбите на алијансата. Како што знаете, НАТО обезбедува критична поддршка во северно Косово и поддршка за силите на ЕУ во Босна, и е р’бет на безбедноста потребна за државите од Западен Балкан да одат напред во нивниот европски пат, изјави секретарот.

Министрите ќе имаат можност да дискутираат и за улогата што безбедноста ја игра во создавање простор државите од Западен Балкан да донесуваат независни одлуки за тоа колку брзо можат да одат напред, рече О’Брајан. кб/

Остани поврзан