Обновени спомен-плочите на лауреатите на СВП во Паркот на поезијата
- Во Паркот на поезијата во Струга обновени се спомен-плочите со отпечатени имиња и земјата од која доаѓаат од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“, поставени пред засаден

Струга, 27 август 2021 (МИА) - Во Паркот на поезијата во Струга обновени се спомен-плочите со отпечатени имиња и земјата од која доаѓаат од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“, поставени пред засадените дрвца, соопшти Дирекцијата на фестивалот.
Досегашните бронзени плочки, кои, беа честа мета на кражби и вандалство, според информацијата од СВП, се заменети со плочки од композитен материјал со метален слој.
- На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло, а отпечатени се и кјуар-кодови, кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и поезија, стои во соопштението.
На 60-годишниот јубилеј, како што е посочено, идејата е да се врати Паркот на поезијата во фокусот на јавноста и да се потенцира неговата вредност и уникатност, но и да се промовира поезијата и добитниците на „Златниот венец“.
Годинашната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот. сс/мд/
