• петок, 22 ноември 2024

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Од Јавното обвинителство попладнево информираа дека вчера кај нив е пристигнато известување од Министерството за внатрешни работи и документацијата од Министерството за култура за наводната злоупотреба на буџетски средства од поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

- До Јавното обвинителство вчера од Министерството за внатрешни работи е доставено известување и документацијата од Министерството за култура. Обвинителството веќе го проучува материјалот и ќе преземе дејствија, стои во информацијата од Јавното обвинителство.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во изјава за медиумите рече дека се уште нема новости од Јавното обвинителство во врска со овој случај. 

-Не, се уште немаме новости од Јавното обвинителство. Целата документација е испратена. Кога ќе не известат нас, веројатно ќе знаете и вие, рече Љутков за време на неговата посета на Националната опера и балет.

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини поранешната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска дека користела буџетски пари за приватни цели за време на нејзиното службено патување во Лондон во октомври минатата година. Веднаш потоа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет по допрен глас. Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција посочи дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ. бак/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан