• сабота, 16 ноември 2024

Обвинителство ги распореди предметите на Русковска за Управата за финансиска полиција и за „Виа Комерц“

Обвинителство ги распореди предметите на Русковска за Управата за финансиска полиција и за „Виа Комерц“
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа Комерц“, а по кои до нејзината суспензија од функцијата постапуваше Вилма Русковска, се презаведени и дадени на надлежно постапување на обвинителката Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и обвинителата Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од Jавно обвинителство на Република Северна Македонија, информираат дека назначениот јавен обвинител Трајче Пеливанов за времено раководење со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел одлука за формирање четиричлена Комисија за констатирање на состојбата со тековните предмети во обвинителството, која извршила увид и ја попиша целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа Комерц“. - Согласно надлежностите предвидени во Законот за јавното обвинителство, предметот оформен по поднесена анонимна кривична пријава против повеќе лица од Управата за финансиска полиција е презаведен и даден на надлежно постапување на јавниот обвинител Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Предметот за станицата за технички преглед „Виа Комерц“ е распореден во работа кај јавниот обвинител Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вели во соопштението од ЈОРСМ. Постапувањето по овие предмети, се вели во соопштението, ќе продолжи непречено и јавните обвинители на кои сега им се доверени ќе ги преземат сите дејствија во согласност со Законот за кривична постапка за да ги проверат наводите во поднесените кривични пријави. По останатите предмети во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како што уверувата од ОЈО - ГОКК, нема никаков застој во постапувањето. - Јавниот обвинител Пеливанов во изминатите неколку дена одржа неколку колегиуми со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се информираше за тековните прашања и ги презеде сите организациски и други надлежности во ова обвинителство, се вели во соопштението од ЈОРСМ. Согласно законските надлежности предвидени во член 28 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ја започна постапката за вршење редовен надзор врз целокупното работење на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Со надзорот над законитото и навременото извршување на јавнообвинителската функција ќе биде направен увид во текот на постапките во ова обвинителство.​ аа/са/

Остани поврзан