• недела, 22 декември 2024

Обвинителството покрена истрага и бара притвор за двете лица кои во петокот извршија разбојништво кај Градскиот стадион

Обвинителството покрена истрага и бара притвор за двете лица кои во петокот извршија разбојништво кај Градскиот стадион

Скопје, 1 декември 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје достави предлог за притвор за двете лица кои во петокот извршија разбојништво во продавницата „Нептун“ кај Градскиот стадион во Скопје. 

Двете лица на возраст од 21 и 27 години се сомничат за кривично дело разбојништво предвидено во член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

- На 29 ноември, двајцата осомничени со електрични тротинети дошле до продавницата за бела техника „Нептун” кај Градскиот стадион. Биле маскирани со пластични маски, шалови и качулки на главите и вооружени со пиштоли, додека едниот осомничен на себе носел и импровизирана рачно изработена експлозивна направа во форма на динамит. Двајцата соизвршители влегле во продавницата, во која во тој момент биле присутни повеќе вработени, возрасни купувачи, но и три деца. На сите им се заканиле со оружјето и експлозивот, а еден од осомничените застанал пред вратата за да ги спречи да излезат. Другиот осомничен влегол позади пултот од каде ги одзел парите од кадите, па заканувајќи се со оружјето побарал од вработените да му го отворат сефот од каде одзел црвена метална каса со пари и вредносни ваучери. Вкупно со разбојништво и закана по животите на присутните осомничените одзеле пари во вкупна вредност од 556.146 денари, ги предупредиле присутните да не повикуваат полиција и излегле од продавницата, се наведува во информацијата од Јавното обвинителство.

Двајцата беа приведени во непосредна близина пред продавницата од страна на полициски службеници. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан