• понеделник, 23 декември 2024

Обвинение против осум лица за недозволено тргување со културно наследство

Обвинение против осум лица за недозволено тргување со културно наследство
Скопје, 31 декември 2020 (МИА) - По повеќемесечна истражна постапка, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд во Скопје поднесе обвинителен акт против осум лица поради вршење недозволени арехолошки истражувања во земјава. Лицата се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, за остварување на точно определени цели, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на државата, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа ги продавале на купувачи во земјава и во странство. Од Обвинителството информираат дека обвинетите Р.П, А.Б. и Ж.Р во наведениот период, со цел стекнување на противправна имотна корист, создале група за вршење на кривични дела поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, на која припадници станале и обвинетите В.М., И.Д., А.Б., Б.Д. и Ј. М.. Членовите на групата поединечно или заедно преземале криминални дејствија за остварување на точно определени цели, па така, обвинетите Р.П., А.Б., Ж.Р., В.М., Б.Д. и Ј.М. без дозвола од надлежни органи вршеле недозволени археолошки истражувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на државата. Според Обвинителството, тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на Р.С. Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на неовластени купувачи. Откако ќе биле пронајдени купувачите од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра, сопственост на државата. Купувачите добрата под привремена заштита, односно културно наследство и природните реткости со непроценлива вредност ги изнесувале надвор од државата, во странство и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата. Според Обвинителниот акт сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата, сториле кривично дело „злосторничко здружување“. Во зависност од дејствијата што ги сториле, на обвинетите им се ставаат на товар кривичните дела „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и кривично дело „прикривање“ . - Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, се наведува во соопштението на ЈО. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан