• понеделник, 23 декември 2024

Нуредини: За зелената агенда не смее да има политика, потребна е долгорочна стратегија

Нуредини: За зелената агенда не смее да има политика, потребна е долгорочна стратегија
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) – Зелената агенда треба да ја спроведеме заради нас, за граѓаните, но тоа не е нешто што може да се реализира преку ноќ. Неопходна е долгорочна стратегија, а за тоа треба да седнеме сите заедно. Политика во зелената агенда нема и не смее да има, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на панелот за Кластерот 4 „Зелена агенда и одржлива поврзаност“. За спроведување на зелената агенда, како што рече Нуредини, потребни се многу инвестиции зашто инфраструктурата е скапа. Моментно, во овој сегмент, нашата држава има голема поддршка од ЕУ. Нуредини се осврна на повеќето проекти што ги спроведува Министерството, напоменувајќи дека паралелно се работи и на усогласување на легислативата со европските директиви. -Во финална фаза е пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Се надевам дека потребните активности во овој дел ќе ги реализираат и институциите на локално ниво зашто повеќе од јасно е дека ако немаме пречистителна станица, не можеме да бидеме членка на ЕУ, укажа министерот. Според него, Делегацијата на ЕУ усвои проект за канализација во општина Кичево кој наредната недела би требало да се потпише, а поминала и согласноста за пречистителна станица во општина Битола. -Нашата клучна цел е да инвестираме во инфраструктура, во водоснабдување, канализации, но и во управување со отпадот како и негово рециклирање. Ќе ни требаат и депонии за кои не сме инвестирале доволно во минатото, рече Нуредини на панелот. Министерот потенцира и дека мора да се поддржи енергетскиот сектор за да се вложува во обновливите извори на енергија. Во врска со законот за климатски промени, Нуредини напомена дека е веќе неколку месеци подготвен, но поентата е, како што потенцира, законите не само да се носат, туку и да се спроведуваат. Пред почетокот на панелот за Кластерот 4 воведно обраќање имаше вицепремиерот Бојан Маричиќ, а покрај Нуредини во дискусијата учествуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Во тек е вториот панел за Кластерот 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“ на кој прв се обраќа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Потоа се очекува обраќање да има и Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски. Двата панела се дел од настанот „Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазари“ кој е вториот од серијата настани посветени на годинашниот Извештај на ЕК во напредокот. мч/аа/

Остани поврзан