• недела, 22 декември 2024

Норис: Саинц требаше да оди во Ред Бул

Норис: Саинц требаше да оди во Ред Бул

Гроув, 2 август 2024 (МИА) - Најголемиот знак прашалник на трансфер пазарот во Формула 1 веќе падна - Карлос Саинц од почетокот на 2025 година ќе ја продолжи кариерата во Вилијамс, но многумина се на мислење дека ова не е најдобриот тим за него.

Во оваа група е и возачот на Мекларен, Ландо Норис, според кој Саинц требало да замине во Ред Бул. Сепак, светските шампиони одлучија да го задржат Серхио Перез, што им донесе многу критики со оглед на падот на перформансите на Мексиканецот оваа сезона.

Саинц се надеваше на место во Ред Бул или Мерцедес до крајот, но двата тима јасно ставија до знаење дека не се заинтересирани за него и тој мораше да ги таргетира тимовите поназад во поредокот. Шпанецот со големо разочарување пред почетокот на сезоната дозна дека неговото место за 2025 година ќе го заземе седум кратниот светски шампион Луис Хамилтон и оттогаш е во потрага по нов тим.

-Не знам какви се плановите на Ред Бул и Мерцедес. Но, полесно е да се каже дека Саинц требаше да замине во Ред Бул, барем според мене. Јас сум пристрасен бидејќи го познавам Саинц подобро од Перез. Но, Карлос заслужува повеќе од она што го добива, тој е еден од најдобрите возачи во Формула 1 и тоа го докажува одново и одново,  изјави Норис за „Скај Спорт“.

Норис сепак призна дека е задоволен што Саинц останал во Формула 1, бидејќи постоеле реални шанси да не најде место за следната година.

„Карлос и јас сме добри пријатели, мило ми е што останува во Формула 1. Мислам дека ќе се обиде да го турне Вилијамс напред и неговото идно партнерство со Алекс Албон ќе биде интересна и добра одлука за Формула 1. Сепак, многу луѓе би рекле дека ќе беше добро за него да замине во Ред Бул, но тоа не е моја одлука, додаде Британецот. дс

Фото: Архива

Остани поврзан