• понеделник, 23 декември 2024

Нов повик за наставници за напредување во звање ментор

Нов повик за наставници за напредување во звање ментор
Скопје, 26 мај 2021 (МИА) - Министерството за образование и наука денеска објави повторен повик за пријавување наставници од основни училишта за напредување во звање ментор. Може да се пријават наставници од основните училишта од кои на првиот повик немаше пријавени кандидати или не ги исполнуваа условите. Во повикот е наведена листа со тие училишта. Кандидатот е потребно да исполнува неколку услови: да има најмалку седум години работно искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. Пријавувањето е електронски преку порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде заедно со апликацијата се приложува и документацијата за докажување дека се исполнети наведените услови. Рокот за аплицирање е 30 јуни 2021 година. Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од основните училишта наведени во повикот да поднесат пријава во предвидениот рок, доколку ги исполнуваат условите, за да го остварат законски утврденото право за напредување во звање ментор, а со тоа да си обезбедат и повисок личен приход. МОН во известувањето посочува дека напредувањето во звање ментор е овозможено со новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, со цел да се подигне достоинството  и општествената важност на просветителската дејност. хс/са/

Остани поврзан