• понеделник, 25 ноември 2024

Нов мандат за тунискиот претседател Сајед, на изборите излегле само 28,8 отсто од гласачите

Нов мандат за тунискиот претседател Сајед, на изборите излегле само 28,8 отсто од гласачите

Тунис, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Тунис, Каис Сајед, е реизбран со 90,7 отсто од гласовите на изборите кои главно беа бојкотирани од неговите противници, а гласаа само 28,8 отсто од гласачите, беше соопштено доцна синоќа.

За време на изборната кампања беа уапсени негови противници, новинари, активисти и адвокати.

Второпласираниот претседателски кандидат, Ајачи Замел, освои само 7,4 отсто од гласовите. Поголемиот дел од предизборната кампања тој го помина во притвор, бидејќи му се суди за серија кривични дела, наводно, извршени во врска со изборите.

Ова се трети претседателски избори во Тунис по „арапската пролет“ во 2011 година, кога беше соборен претседателот Зин Ел Абидин Бен Али.

Потоа со Уставот беше воведена повеќепартиска демократија во Тунис, но Сајед само две години подоцна почна да го поткопува највисокиот правен акт. Во јули 2021 година, тој прогласи вонредна состојба, го распушти Парламентот и го измени Уставот за да ја зајакне својата моќ како шеф на државата.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан