Новиот закон за високо образование предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование
- Јаневска изрази надеж дека со новото раководство ќе почне соработката за да може да се воведат нови студиски програми, некои да се стават во мирување, дел да се укинат.

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО), со што очекуваме институцијата да стане функционална, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција.
- Жал ми е што морам да кажам, но, факт е дека работата на Одборот за акредитација, односно за Агенцијата за квалитет во високо образование, не ги задоволува потребите и на вака релативно слабо поставен образовен систем и проблеми што се наоѓаат во високото образование. Очекуваме нов директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, бидејќи стариот е разрешен во Собрание. Ќе си распише Собранието конкурс, ќе има нов директор. Но, новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на оваа институција, со што очекуваме институцијата да стане функционална и да ги исполнува функциите што треба да ги прави, истакна Јаневска.
Одговарајќи на новинарското прашање зошто одреди студии не добиваат акредитации а за нив има интерес, таа рече дека не може да каже зошто досега имало пречки од таков вид.
- Тоа прашање треба да го упатите до Одборот, директорот на Агенцијата претходен, на членовите од Одборот за акредитација и евалуација. Ниедна евалуација не е направена од постоењето на Агенцијата, за жал. Ние сакавме да направиме минатата година, одвоивме средства, но, не успеавме заради внатрешни проблеми на Агенцијата, појасни министерката Јаневска.
Изрази надеж дека со новото раководство ќе почне соработката за да може да се воведат нови студиски програми, некои да се стават во мирување, дел да се укинат.
- Тоа треба да биде решено и со новиот закон за високо образование, за студентите да добијат она што им е потребно за пазарот на труд, децидна беше Јаневска.
Таа информираше и дека како Министерство, продолжуваат да работат на решавање на концепцијата за средно гимназиско образование. Одговарајќи на новинарско прашање, соопшти дека со вчерашна одлука на Влада, во бројни училишта ќе се постават прочистувачи на воздух.
Прашана во врска со образовни асистенти во средните училишта, таа рече дека ќе се потрудат да обезбедат за ученици кои ќе имаат потреба од нив.
- Законот вчера помина на Влада и ќе оди во собраниска процедура. Јас се надевам дека овојпат ќе помине така како што треба. Претходниот закон не предвидуваше образовни асистенти во средните училишта. Овој закон предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Тоа што е сигурно е дека тие од септември оваа година, ќе имаат образовни асистенти, а во моментов, доколку има сериозна потреба и непополнето место за образовен асистент, ќе се потрудиме да обезбедиме и за овие ученици, одговори Јаневска. бд/ев/
Фото и видео: МИА