Новоизбраниот претседател на Парагвај вети дека ќе продолжи да ги одржува односите со Тајван
- Новоизбраниот парагвајски претседател Сантијаго Пена вети дека неговата земја ќе продолжи да ги одржува дипломатските односи со Тајван, со што ќе се спротивстави на трендот дипломатските сојузници на Тајпеј во Јужна Америка да се свртат кон Кина.
Тајпеј, 12 јули 2023 (МИА) - Новоизбраниот парагвајски претседател Сантијаго Пена вети дека неговата земја ќе продолжи да ги одржува дипломатските односи со Тајван, со што ќе се спротивстави на трендот дипломатските сојузници на Тајпеј во Јужна Америка да се свртат кон Кина.
Пекинг го смета Тајван за отцепена провинција и им забранува на своите дипломатски партнери да одржуваат официјални врски со Тајпеј.
За време на состанокот со тајванската претседателка Цаи Инг-вен, Пена ја потврди „посветеноста како Парагвајци да го поддржат народот на Тајван во следните пет години“.
Парагвај е една од само 13 земји во светот - и последна во Јужна Америка - која го призна Тајван како посебна земја и не одржува дипломатски односи со Кина. Преостанатите дипломатски сојузници на Тајван се помалите земји во Централна Америка, Карибите и Јужниот Пацифик, како и Есватини во јужна Африка и Ватикан.
Пена, кој е во посета на Тајван со членовите на неговата претстојна влада, рече дека сака да ги зајакне трговските и инвестициските врски со Тајван.
„Ќе работам во следните неколку години за да им покажам на народот на Тајван, главно на деловната заедница, дека инвестирањето во Парагвај не е само од дипломатски интерес, туку и заемно економски корисно за двете земји“, рече тој.
Цаи рече дека Тајван и Парагвај си помогнале меѓусебно да се справат со „епидемискиот предизвик“.
„Соочени со експанзијата и авторитаризмот, очекуваме Тајван и Парагвај да застанат заедно на првата линија на слободната демократија и да придонесат за светската стабилност и развој“, додаде таа.
Во последниве години, локалните производители на говедско месо и соја ја подложија владата на Парагвај на интензивна кампања за лобирање бидејќи тие бараат поголем пристап до кинескиот пазар. Во 2020 година, иницијативата за преиспитување на врските со Тајпеј беше неуспешно изгласана во Сенатот на земјата. паг/
Фото: ЕПА