• сабота, 11 мај 2024

Нови протести на опозицијата во Белград поради изборни неправилности

Нови протести на опозицијата во Белград поради изборни неправилности

Белград, 21 декември 2023 (МИА) - Четвртиот по ред протест поради неделните избори во Србија почна вечерва по 18 часот пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) во центарот на Белград.

Стотици граѓани се собрани на повик на опозициската листа „Србија против насилство“.

Протестите пред седиштето на РИК почнаа во понеделникот вечерта, на повик на претставници на листата „Србија против насилството“ поради наводна кражба на гласови на неделните локални и парламентарни избори во Србија.

Насобраните носат транспаренти „Вклучи светло“, „Крадат пари, па крадат и гласови“, „Владетелите организираа беззаконие“, „Каде гласаше Илон Маск?“, а дел од демонстрантите носат и знамиња на ЕУ, пренсе Бета. 

Претставниците на опозициската коалиција „Србија против насилство“, Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ вечерва соопштија дека нема да има откажување од барањето за поништување на декемвриските избори.

Тие се обратија пред новинарите пред седиштето на РИК во Белград, каде што се одржува четвртиот протест поради тврдењата на опозицијата за изборна кражба.

Тепиќ, која штрајкува со глад, најави дека ќе и се придружат пратеничките Јелена Милошевиќ од Ниш и Данијела Грујиќ од Нови Сад.

„Ние не отсуствуваме од оваа борба за гласови и против лажни избори“, рече таа и повторно ги обвини владејачката Српска напредна партија и српскиот претседател Александар Вучиќ дека се одговорни за тоа.

Алексиќ рече дека на тројца нивни претставници им било дозволено да ги разгледаат изборните материјали во штабот на РИК од 20:00 часот.

Опозициски партии днееска протестираа и во Нови Пазар каде тврдат дека локалните избори биле украдени, односно дека им бил одземен советнички мандат, поради што не можеле да формираат локална власт. Нивните претставници тврдат дека на секој начин ќе ја заштитат волјата на граѓаните изразена на локалните избори. зш/

Остани поврзан