• петок, 22 ноември 2024

Нова филтер станица за снабдување со вода на општина Карбинци

Нова филтер станица за снабдување со вода на општина Карбинци
Скопје, 28 август 2021 (МИА) - Алфа Инжинеринг денеска соопшти дека го заврши проектот за водоснабдување на Општина Карбинци. Новата филтер станица за чиста вода за пиење е веќе пуштена во употреба и ги реши долгогодишните проблеми на жителите од оваа општина. -Оваа прочистителна станица е уште еден проект на Алфа Инжинеринг и претставува високо-технолошко и инженерско решение. Инсталираната опрема е направена од самата компанија и е применет современ метод за ултра-филтрација на водата. Капацитетот на филтер станицата е 40 литри во секунда доволно да ги задоволи потребите на жителите на оваа општина, соопшти компанијата. Филтер станицата во Карбинци е изградена во соработка со партнерската фирма од Словенија Езотек. -Завршивме еден комплексен проект со специфични и високо-технолошки барања за производство на чиста вода за пиење. При конструирањето на објектот баравме решение што трајно ќе го реши проблемот за водоснабдување и затоа користени се највисоки технолошки стандарди и современи материјали што овозможуваат долготрајност, издржливост и безбедност во однос на водата. Со експертизата што ја имаме и искуството во оваа област, жителите на Општина Карбинци добија модерна филтер станица што на долг рок ќе ги снабдува со квалитетно филтрирана вода за пиење, истакна Ацо Ристов, сопственик на Алфа Инжинеринг. Во Општина Карбинци заедно со населените места Козјак, Аргулица, Црвулево, Таринци, Долни Балван, Нов Караорман и Радање живеат околу 4.000 жители кои долги години се соочуваа со проблем снабдувајќи се со вода за пиење преку локални бунари. мд/мч/

Остани поврзан