• петок, 05 декември 2025

Нова градинка во Велес во зградата на поранешното ООУ „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“

Нова градинка во Велес во зградата на поранешното ООУ „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“

Велес, 5 октомври 2022 (МИА) - Зградата на поранешното Основно училиште „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес ќе биде пренаменета за нова градинка на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“. Станува збор за проект од УНИЦЕФ со поддршка од Светската банка.

Проектот е во соработка со Министерството за образование и наука за подобрување на условите во училиштата. Во овој стар дел на Велес нема основци, а училиштето одамна е затворено и во соработка и на барање на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“ проектот, односно средствата ќе бидат искористени  за адаптирање на старото напуштено училиште во нова градинка за најмалите од Велес.

Како што информираат од Општина Велес, по обезбедувањето на целокупната документација и реконструкција на објектот, дечињата од Велес ќе имаат ново катче во кое безгрижно ќе растат.

-Еден од главните приоритети е обезбедување соодветни услови за згрижување и воспитување на нашите најмили, потенцираат од Општина Велес.

Во Велес има шест градинки на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“, но подолго време нема нови слободни места.

Како што информира за МИА Маја Велиновска, директорката на оваа јавна установа за згрижување и воспитување на децата, капацитетот на сите градинки е за 1038 деца. Во моментов во градинките има 1200 деца, што е, како што рече, премногу и групите со деца се пренатрупани. Тие подолго време бараат од надлежните изградба на нова градинка, а 60 родители чекаат  да ги запишат своите деца во градинка.

Освен шесте градинки во Велес, во оваа бројка влегуваат и градинките во Градско и Караслари, а градинката во Чашка веќе се издвои во посебен правен субјект и не е повеќе во рамки на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“ од Велес. ад/мд/

 

 

 

Остани поврзан