• сабота, 21 декември 2024

Николовски ќе иницира да се изработи физибилити студија за градски железнички превоз во Скопје

Николовски ќе иницира да се изработи физибилити студија за градски железнички превоз во Скопје

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Министерот за транспорт Александар Николовски најави дека ќе иницира новите раководства на јавните претпријатија  Железници Транспорт и Железници Инфраструктура да направат детална физибилити студија  за идејата за градски железнички превоз во Скопје што тој ја претстави неодамна. 

Николовски денеска појасни дека идејата е да се искористи постојната железничка инфраструктура во рамки на град Скопје и околината и да биде ставена во функција за транспорт на граѓаните низ главниот град.  Посочи дека не се работи за нови инвестиции и за доградба на железничка мрежа, туку за искористување на постојната. За оваа идеја не бара соработка со никого бидејќи, како што вели, има пруга која Железници Инфраструктура треба да ја провери дали е функционална и да ја репарира, а Железници Транспорт, пак,  да утврди кои возови може да се стават во функција. 

-Она што ќе биде потребно и тоа ќе го иницирам со новото раководство на ЈП Железници Инфраструктура, но и новото раководство на ЈП Железници Транспорт е да се направи детална физибилити студија за која што ќе дадам многу краток рок, нема да е повеќе од месец дена, колкав проток на патници може да има, кои се железничките станици коишто веќе постојат а не се во функција а треба да се стават во функција, дали треба да се изградат нови и кој би бил најекономичен, најефикасен, најевтин начин тие нови да се изведат, да бидат пристојни, достапни а да не се скапи. Исто така, каква е состојбата на возовите во моментов, што треба да се направи за тие возови да се стават во функција и да можеме во еден релативно временски период, не сакам да давам, рокови, да излеземе со понуда на жителите на Скопје и останатите општините за т.н. градски воз којшто би можеле да го користат граѓаните на постојната инфраструктура, рече Николовски, во одговор на новинарско прашање на првата прес-конференција откако го почна министерскиот мандат, а врши и вицепремиерска функција.

Посочувајќи пример рече дека не се користи пругата што поминува низ населбата Драчево а  како што нагласи, лесно може да ве донесе до центарот на градот. 

-Убеден сум дека доколку има редовни возови коишто се обраќаат во точно време, се чисти, се добро уредени внатре, не мора да се нешто екстра луксузни и цената на билетот е пристојна бројни граѓани ќе ја користат оваа опција затоа што за точно време ќе знаат за колку време стигаат од населбата Драчево до Центар на пример за разлика од сега кога што тргаат и не знаат што ќе ги најде по пат дали со автобус или со автомобил, а тоа ќе овозможи и на оние коишто користат автобуси и автомобили полесен транспорт затоа што ќе се намали сообраќајната гужва. Ова е само еден пример. Кога ќе се екипираат двете јавни претпријатија ќе излеземе со нашата целосна визија за оваа работа која што повторувам не е поврзана ниту со ЈСП Скопје, не е поврзана ниту со Градот Скопје, ниту со општините на градот Скопје, а е поврзана со постојната железничка инфраструктура. За се’ друго ќе има време, ќе размислуваме. Ова е како да сме паметни тоа што го имаме да го искористиме, појасни Николовски. 

Истакна  дека ЈП Железници Транспорт е во многу лоша финансиска состојба рече дека еден од начините да му се помогне на претпријатието е да има повеќе патници.  - Еден од подобрите начини за да му се помогне претпријатието е тоа што го имаме како инфраструктура во најголемиот и главниот град на Македонија да го искористиме. Дали граѓаните ќе сакаат да го користат или не ќе видиме, но наше е да им ставиме се’ на располагање. Јас сум убеден дека ќе го користат, наведе Николовск, на прес-конференцијата за извештајот на ДЗР за реализацијата на јавните инвестиции. лв/аа/

фото: МИА

Остани поврзан