• петок, 22 ноември 2024

Николовски: Треба да се зголеми бројот на обвинители, да се спроведе дигитализација во обвинителствата

Николовски: Треба да се зголеми бројот на обвинители, да се спроведе дигитализација во обвинителствата
Скопје, 5 ноември 2020 (МИА) - Знам дека криминалот и корупцијата јадат добар дел од БДП и никој не успеал да ја добие таа битка, но важно е да се намалува корупцијата и таа битка да биде перманетна. Затоа и постои мојата улога, да ги координирам институциите, како царина, финансиска полиција, УЈП и другите, да ги искористиме сите капацитети, да има силна комуникација која недостига, интероперабилноста на самите институции ни е една од првите задачи. И кога сето тоа ќе го испорачаме ќе следуваат и резултатите, а граѓаните ќе бидат сведоци, порача вечерва вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски во интервјуто на телевизија Стар. Според него важно и регулаторните тела како ДКСК или Заводот за ревизија да осетат дека во државата имаат партнери, а истото го очекува и од јавните обвинителства и судовите. -Треба да се зголеми бројот на обвинители, да се спроведе дигитализација во обвинителствата, значи имаме многу предизвици, но само така правдата ќе се испорача и законот ќе важи за сите. Заврши времето кога еден човек кроеше судбини на два милиона и им беше и обвинител и судија. Народот ни ја дал довербата да ја исполниме нашата должност и да го подобриме системот, токму преку оваа соработка за која зборувам, особено со фокус на прочистување на судството, на ревизија на одредени предмети и враќање на довербата во сите институции, рече Николовски. бк/аа/

Остани поврзан