Никола Марки нов регионален директор на ИФЦ за Западен Балкан
- ИФЦ го назначи Никола Марки за нов регионален директор за Западен Балкан. Марки, кој е француски државјанин, има дипломирано економија и финансии на Универзитетот во Дурам, Велика Британија и магистрирано во областа на организациониот менаџмент на Универзитетот Сорбона во Париз.
Скопје, 28 август 2023 (МИА) – ИФЦ го назначи Никола Марки за нов регионален директор за Западен Балкан. Марки, кој е француски државјанин, има дипломирано економија и финансии на Универзитетот во Дурам, Велика Британија и магистрирано во областа на организациониот менаџмент на Универзитетот Сорбона во Париз.
Тој пред назначувањето на оваа позиција бил директор на канцеларијата за Сингапур, Малезија и Брунеи, а претходно бил и советник на двајца последователни директори на ИФЦ.
Марки функција регионален директор на ИФЦ за Западен Балкан ја презема од Ари Наим кој беше задолжен за земјите од Западен Балкан и за земјите членки на Европската Унија (ЕУ), вклучувајќи ги Полска, Романија, Бугарија и Хрватска како регионален директор од август 2020 година.
Како нов регионален директор за Западен Балкан, Марки ја нагласи потребата за поголеми инвестиции на приватниот сектор што ќе им овозможат на земјите во регионот да се справат со предизвиците од ограничениот фискален простор.
-Партнерството помеѓу ИФЦ и Западен Балкан трае повеќе од 30 години. Со нашата единствена перспектива како водечка светска развојна финансиска институција фокусирана на приватниот сектор, добро сме позиционирани да го поддржиме регионот и да му помогнеме да ги постигне своите развојни цели, истовремено помагајќи го процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан, изјави Марки по назначувањето на функцијата.
Тој ќе ги надгледува напорите на ИФЦ во регионот за поттикнување на растот на приватниот сектор и за привлекување нови приватни инвестиции во клучните области, вклучувајќи ги поврзувањето и отпорноста на климатските примени, во време кога регионот се соочува со големи економски предизвици.
Рана Карадшех, регионална директорка на ИФЦ за Европа посочи дека целта на ИФЦ е да инвестира во повеќе сектори во регионот на Западен Балкан, особено во обновливата енергија, банкарството, трговијата на мало, преработувачката индустрија и во ризичниот капитал.
-Нашата стратегија во Западен Балкан е да ја поддржиме зелената, енергетската и дигиталната транзиција, помагајќи да се зголеми отпорноста на влијанијата на климатските промени и поттикнувајќи ја конкурентноста, изјави Карадшех.вј/лв/
Фото: МИА архива