• сабота, 16 ноември 2024

Нетанјаху планира враќање на власт по парламентарните избори на 1 ноември

Нетанјаху планира враќање на власт по парламентарните избори на 1 ноември
Ерусалим, 28 октомври 2022 (МИА) - Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, обвинет за корупција, планира да се врати на власт по парламентарните избори на 1 ноември, петти во Израел за неполни четири години. Сега Нетанјаху е во предизборна трка како лидер на опозицијата. Неговиот противник е премиерот во заминување, Јаир Лапид. Најновите анкети даваат надеж за Ликуд на Нетанјаху, со нешто повеќе од 30 од 120 места во Кнесетот, пред партијата на Јаир Лапид, Јеш Атид (Има иднина), чии предвидувања се дека може да добие 24 до 27 места. Лапид, некогаш познат новинар, лани создаде коалиција од партии што се противеа на Нетанјаху и така го собори најдолговечниот израелски премиер, кој ја водеше владата од 1996 до 1999 и од 2009 до 2021 година. Денес на коалицијата потребни ѝ се уште пет до шест места и ќе мора да се прошири, доколку сака да остане на власт. - Лапид знае дека не може директно да обезбеди 61 пратеник, па сака тоа да не му успее ниту на Нетанјаху со неговите партнери, тврди негов близок соработник. И покрај „екстремниот замор“ на гласачите, политичката аналитичарка Далија Шајндлин очекува добар одѕив, што може да ги запечати политичката судбина на Нетанјаху и неговиот план да владее заедно со екстремната десница. Според неа, иако избирачите „не се променети значително на последните неколку избори“, составот на коалицијата може да се промени, зависно од резултатите на некои партии. Арапските партии, најголеми противници на Нетанјаху, на овие избори влегуваат поделени, во три блока и постои ризик некои да не го поминат изборниот праг. Дел од медиумите пишуваат дека доколку обезбеди мнозинство од 61 место, Нетанјаху, кој две недели пред изборите објави мемоари, може да побара од Парламентот гласање за имунитет. Во спротивно, може да преговара со судот за казната, оценува Гајил Талшир, професорка по политички науки на Еврејскиот универзитет во Ерусалим. - Со објавувањето на мемоарите се чини Нетанјаху го подготвува неговото заминување, посочи таа. бд/сд/

Остани поврзан