• петок, 22 ноември 2024

Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги најави продолжување на штрајкот, ако не се исполни барањето за поголеми плати

Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги најави продолжување на штрајкот, ако не се исполни барањето за поголеми плати

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - И покрај штрајкот со кој се боревме да потпишеме посебен колективен договор за вработените во Управата за водење на матични книги, нашето барање за 30 отсто покачување на платите не се исполни, истакна претседателот на Независниот синдикат на управата за водење на матичните книги, Тони Милошевски, на денешната прес - конференција.

Тој нагласи дека од страна на Министерството за финансии и Министерството за правда било ветено дека од 2023 година ќе бидат обезбедени средства за покачување на нивните плати од 30 отсто, но тоа до ден денес не е остварено.  

 - Сакам да испратам порака до Министерството за правда, Министерството за финансии и до директорот на Управата за водење на матични книги да обезбедат средства за вработените во Управата за водење на матични книги и да им се покачат платите од 30 отсто што ги бараме, рече Милошевски.

Тој изрази незадоволство од министерот за правда до кој испратиле писмено барање за средба, но сè уште не се повикани.

 - Доколку не нè повикаат на средба и не се исполнат нашите барања, ќе бидеме присилени  повторно да го активираме штрајкот што е ставен во мирување и ќе почнеме со протести и блокирање на улици низ градот Скопје, предупреди Милошевски.

Потпретседателот на Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги, Насер Џемаили, нагласи дека веќе три години чекаат решение за нивните проблеми, но никој не ги решава.

Претседател на Конференцијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Маријан Ристевски, истакна дека тие имаат предлог решение на нивните барања.

 - Оваа категорија на вработени до 2010 година беше во составот на Министерството за внатрешни работи и беше ветено од одредени министри и директори дека ќе направат напори Управата за водење на матични книги да се врати во тоа министерство. Кога би се вратиле овие вработени во состав на МВР, проблемот ќе биде решен бидејќи ќе добијат 30 отсто за овластувањата што ги имаат и тоа значи дека нивното барање во одделот финансии ќе биде задоволено, рече Ристевски и појасни дека од 2010 па се до денес Управата е во покровителство на Министерството за правда. 

На прес - конференцијата најавија дека се повикани на состанок од страна на Управата за водење на матични книги во понеделник во 11:30 часот.  

Доколку не се пронајде решение и на таа средба најавија дека од наредната недела ќе започнат со протест пред канцелариите на Управата за водење на матични книги. сан/аа/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан