• петок, 15 ноември 2024

Небрегово на Блаже Конески мирно живее со гордоста 

Небрегово на Блаже Конески мирно живее со гордоста 
Скопје, 25 јули 2021 (МИА) - Свиено во подножjето на Бабуна Планина, во Прилепското Поле е Небрегово на Блаже Конески. На надморска височина од 700 метри, ридското Небрегово на 17-тина километри се граничи со селото Присад, на исток со Дабница, на југ со Горно Село, со Дупјачани на запад и со селата Дреновци и Оморани на север. Ако тргнете од Прилеп, треба да поминете 20 километри. Небрегово e село со македонско население, од пред шест децении е во атарот на општина Долнени. Во почетокот на 20 век имало 522 жители, за во 21 век да остане со 156 жители. Го посетивме во овие летни горештини. Мирно е, спокојно е на жештините. Жителите главно се или во полето или во блискиот рудник за експлоатација на мермер. Мирен, без возбудувања, тече животот. Иако е во близина на Прилеп, до градот каде што контактите се „опасни“ во време на коронавирусот, сепак, спокојството не е нарушено и во овие тешки времиња, полни со предизвици. Во селото ги бараме жителите. Забележавме сретсело дека се работи. Тоа е старата зграда на некогашното училиште. Работниците, ангажирани од прилепскиот Завод и музеј, ја реконструираат, ја оспособуваат малата училишна зграда каде што нашиот Блаже Конески го почнал првото одделение. Освен работниците, се надеваме дека кој било ќе најдеме во летното пладне да ни го раскаже денешното секојдневие во Небрегово, ама со сеќавањата за минатото. Пред неговата куќа, во центарот на Небрегово, го сретнавме Орде Павлески, 48-годишен жител на Небрегово. Со семејството, сопругата и 21-годишниот син и 19-годишната ќерка живее во Небрегово. Иако синот работи во Прилеп, ќерката омажена, тој живее во селото. Ама, вели, Небрегово веднаш го препознаваат по Блаже Конески. - Како се живее? Па, претежно работиме тутун, некои работат во рудникот за мермер над селото. Што нѐ задржува овде? Природата е чиста, нема никакви загадувања, а заработувачката од тутунот и од мермерот, се знае. Имаме секаква комуникација: вода, телефони, асфалтиран пат. Убаво е за живеење, ама да се платеше повеќе тутунот, ќе беше подобро. А најбитно е што за нас многу значи Блаже Конески. Каде и да појдеме, селото го препознаваат по него. Сум одел низ цела Македонија, и без разлика каде и да појдам, кога ќе ги споменам Небрегово и Блаже Конески, веднаш препознаваат. И кога ќе ме прашаат од каде си, гордо велам од селото на Блаже Конески. И сите веднаш знаат. Инаку, селото има можност да се развива. Условите се тука. А приказните за Блаже Конески со децении ги слушаме. И може да ги пренесуваме на другите. Горди сме, вели Орде Павлески од Небрегово и посочува на зградата од некогашното училиште каде што учел Блаже Конески. Нашата прошетка низ селото нè доведе до 70-годишниот Петре Маркоски, роден во Небрегово, каде што сите негови поколенија се од селото. Го сретнал Блаже Конески како младо момче, кога Блаже дошол во селото. Во селото се живее мирно, без жителите да заминат и да се иселат. И сите погодности, вели, ги добиле поради Блаже Конески. Ама доволно не се почитуваат неговиот лик и дело. - Мирно се живее во селово. И патот, и водоводот, и сите погодности ги имаме добиено поради Блаже Конески. Ама треба повеќе да се почитува. Сите се поделија на партии, ама за Блаже никој не треба да дели. За сето што го направил за нас, со македонскиот јазик, за писменоста. Знаеме дека го создал македонскиот јазик, дека дал многу за нас. Паметам, како млад дека првпат го видов Блаже Конески во 1979 година кога дојде со Благоја Талески при пуштањето на патот во употреба. Тогаш првпат го видов. Многу убав впечаток ми остави. Смирен, духовен, образован човек, а наш, од селото. Јас тогаш бев младо момче, имав 28 години. Тоа ми беше првата и последна средба со Блаже Конески. Инаку, знам дека Блаже Конекси учел во прво одделение во селското училиште, кое тогаш се викало „Петре Павлески“, сега се реновира. Таму, на времето, младите се собираа, имаа игранки. Ама треба повеќе да се направи за Блаже. Еве, во неговата куќа, има посетители, доаѓаат постојано, но треба повеќе, вели 70-годишниот Петре Маркоски, жител на Небрегово. Маркоски раскажува дека со короната немало големи проблеми. Којзнае, вели, поради воздухот е, поради природата, ама не се жалаат. Не е лошо да се живее во Небрегово. - Не е лошо. Пат има, и водовод, телефонски и интернет-врски... Нема проблем. За 20 минути од Прилеп е до Небрегово. Ако сака некој да живее, мирно е, спокојно е, нема проблем, нагласува 70-годишниот Петре Маркоски. Спомен-куќата на Блаже Конески, полна со артефакти, заштитена, обновена, секогаш е тука да ја раскаже приказната за таткото на македонската азбука, на граматиката, на стандардниот македонски јазик и во годината на одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Короната ги забави активностите, ама нема проблем за бројните литерати, уметници, за почитувачите на делото на Конески. Во годината на неговото 100-годишно одбележување од раѓањето, Друштвото на писателите на Македонија, кое го основа и прв претседател беше Конески, преку стихот и беседата му оддадоа почит на Конески. Според Соња Стојменска Елзесер, претседателка на ДПМ, со стих и беседа е вистинскиот начин за почит спрема Конески. - Го чествуваме великанот на нашата  книжевност - Блаже Конески, првиот претседател на ДПМ и основачот на ова здружение. На оваа наша средба читаме стихови и беседиме 10-мина членови на асоцијацијата, значи го славиме Конески, онака како што знаеме и умееме, со стих, со беседа, рече Стојменска Елзесер при мајското чествување на Конески пред неговата родна куќа во Небрегово. Долгогодишниот водич, иницијатор за родната куќа на Конески да биде спомен-дом, Миле Спиркоски, смета дека е крајно време посетата да биде задолжителна за учениците. - Ние и понатаму нема да седиме со скрстени раце. Сѐ ќе направиме. Но, сега исклучиво на потег е Министерството за образование и наука. Доволно е едно циркуларно писмо да испрати до сите општини, до училиштата, за посетата на Спомен-куќата на Блаже Конески да биде задолжителна, вели Спиркоски. Небрегово на Блаже Конески го оставаме во спокојното секојдневие. Жителите, и стари и млади, се носат со животните предизвици и со гордоста дека се потомци на великанот Блаже Конески. Елизабета Митреска    

Остани поврзан