• вторник, 19 ноември 2024

НВО бараат од ЕК вклучување на порно веб-сајтовите во групата платформи со „системски ризик“ 

НВО бараат од ЕК вклучување на порно веб-сајтовите во групата платформи со „системски ризик“ 

Брисел, 5 ноември 2023 (МИА) - Триесетина граѓански организации побараа од Европската комисија да ги вклучи главните порно веб-странци во групата на „многу големи онлајн платформи“, со што би морале да ги почитуваат строгите правила утврдени со Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Законот ја регулира одговорноста во работата на интернет платформите, вклучително и начините и мерките за справување со илегални, опасни и штетни содржини, како и со говорот на омраза. 

Според ДСА, онлајн платформите кои на месечно ниво имаат над 45 милиони корисници од членките на ЕУ претставуваат „системски ризик“ за општеството, па мора да почитуваат специфичен режим на работа, вклучително и транспарентност и обврски за менаџирање со ризици. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија веќе прогласи 19 социјални медиуми, пребарувачи и страници за интернет трговија за „многу големи онлајн платформи“, но на оваа листа не е вклучен ниту еден порно веб-сајт.  

Невклучувањето на овие веб страници на листата беше оправдано со ставот дека тие имаат под 45 корисници од ЕУ месечно. Така, Порнхаб и ИксХамстер тврдат дека имаат по околу 33 милиони корисници од ЕУ во текот на месецот, а ЈуПорн „само“ седум милиони. Сепак, проценките се дека бројот на нивни посетители е значително поголем, особено откако минатата недела една од најпосетуваните веб-страници во светот Иксвидеос призна дека секој месец имаат повеќе од 160 милиони корисници во ЕУ. 

Се очекува до крајот годината измена на листата на „многу големи онлајн платформи“, па во тој контекст невладините организации бараат од ЕК „повторно да не ги заборави порно веб-страниците“. 

Во писмото упатено до Еврокомисијата, невладините организации, меѓу кои се и АксесНау, Центарот за демократија и технологија, здружението Европски дигитални права и Европската алијанса за правата на сексуалните работници, наведуваат дека бројките на посетители што ги објавуваат некои сајтови се „изненадувачки мали“. Тие сметаат дека овие бројките „се погрешно пренесени“, со цел овие страници „да ја избегнат својата одговорност и да не се сметаат за одговорни за системските ризици што постојат на нивните платформи“. 

Според организацијата, АксесНау само во март годинава бројот на посетители на Порнхаб на глобално ниво достигнал 2,5 милијарди, па пријавената бројка од околу 33 милиони корисници од ЕУ месечно на оваа веб-страница „се чини малку веројатна“. 

Невладините организации бараат ЕК да ги прогласи за „многу големи онлајн платформи“ оние порно веб-страниците што ги исполнуваат критериумите за тоа, со цел и за нив да важат истите стандарди и тие да бидат потранспарентни. 

Според претставникот на потписниците на писмото Алесандро Полидоро, постојат проблеми со овие веб страници, како се однесуваат на сексуална злоупотреба и системски ризици, кои мора да се проценат без при тоа да се стигматизираат нивните корисници или сексуалните работници.

- Целта на иницијативата е да и покажеме на Европската комисија дека во следниот круг на одредување на многу големите онлајн платформи, овие страници не можат да останат не вклучени во вкупната слика, додаде Полидоро. сп/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан