• сабота, 23 ноември 2024

НБ: Поставеноста на монетарната политика е оценета како соодветна на макроекономските услови

НБ: Поставеноста на монетарната политика е оценета како соодветна на макроекономските услови
Скопје, 12 мај 2021 (МИА) - Движењата кај основните макроекономски параметри и натаму се поволни и без поголеми отстапувања во однос на очекувањата, што се потврдува и со последните проекции коишто не упатуваат на некоја поголема промена на макроекономската слика од претходните оцени. Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму се присутни. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно. Тоа е констатирано на редовната седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика. На седницата беше одлучено основната каматна стапка да се задржи на нивото од 1,25 проценти, со што, посочува НБ, монетарната политика го задржува релаксираниот карактер. Со оглед на веќе извршеното олабавување во март 2021 година, а при се уште изразена неизвесност и претежно надолни ризици поврзани со пандемијата, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, кое беше оценето како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначајното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ослободена ликвидност преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари. -Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, во последниот квартал од 2020 година падот на бруто домашниот производ дополнително забави и се сведе на 0,7 проценти, со што падот на економијата за цела 2020 година изнесуваше 4,5 проценти. Тековните оценки за првиот квартал на 2021 година упатуваат на продолжени ефекти од здравствената криза врз економската активност во овој период, а со тоа и врз динамиката на економското закрепнување, видливи преку високофреквентните податоци, а во услови на трет бран од пандемијата и натамошна воздржаност на економските субјекти. Сепак, при започнат процес на масовна имунизација, се очекува постепено закрепнување на домашната економија во следниот период, коешто според последните проекции ќе се одвива со интензитет од 3,9 проценти во оваа и следната година, стои во соопштението од НБ. Како што наведува НБ, во однос на инфлациските движења, годишниот раст на цените во април 2021 година изнесува 2,7 проценти и е во согласност со очекувањата според последните пролетни проекции на Народната банка. Структурно гледано, цените на енергијата имаат доминантен придонес во вкупната инфлација, во согласност со поместувањата на светските цени на енергенсите, при поумерен позитивен придонес од прехранбената компонета и базичната инфлација. Во следниот период и понатаму остануваат нагласени ризиците од променливост на увозните цени, под влијание на развојот на пандемијата и динамиката на глобалното економско закрепнување. Сепак, и според последните проекции, коишто ги вградуваат претпоставките за позначаен раст на увозните цени во текот на оваа година, домашната инфлација се очекува да остане умерена и да изнесува 2,2 проценти и 2 проценти во 2021 година и 2022 година, соодветно, посочува НБ. Според НБ, девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат зголемување, поддржани од надворешни извори на финансирање на државата. Воедно, во текот на овој квартал девизниот пазар е поволен и без потреба од поголемо присуство на Народната банка, кое засега е само на страната на откупот на девизи. Во однос на податоците од надворешниот сектор за првиот квартал од 2021 година, истите покажуваат проширување на трговскиот дефицит, во согласност со очекувањата. Воедно, согласно последните податоци за менувачкото работење, се забележува годишен раст на понудата на девизи на менувачкиот пазар. Општо земено, надворешната позиција на економијата и натаму е стабилна, што се потврдува и со последните проекции на Народната банка за билансот на плаќања. Согласно проекциите, дефицитот во тековната сметка се очекува да се стесни и да изнесува 2,9 проценти и 2,3 проценти од БДП за оваа и следната година, при што финансиските текови ќе бидат доволни за негово финансирање и дополнителен раст на девизните резерви. -Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за април 2021 година покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е во согласност со последните оцени за просечен годишен раст на депозитите и кредитите од 7,5 проценти и 6,1 процент, соодветно, во 2021-2022 година. Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, вишокот ликвидност во банкарскиот систем се задржа на релативно стабилно ниво, така што банките тргуваа со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари повремено, само при крајот на април. На девизниот пазар во април беше присутна умерено повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор и релативно стабилна месечна нето-понуда на странски девизни средства од физички лица на менувачкиот и девизниот пазар. Банките во целост ја задоволија нето-побарувачката за девизи од сопствените девизни средства, коишто и натаму се на релативно високо ниво, поради што Народната банка не интервенираше на девизниот пазар, соопштува НБ. Во април, на меѓународните финансиски пазари и понатаму преовладуваше оптимизмот на инвеститорите поврзан со перспективите за идниот глобален економски раст, којшто беше поддржан со објавите на солидни финансиски резултати на најголем дел од компаниите во Европа и САД. -Во такви околности, како и при поволни изгледи за процесот на вакцинација во ЕУ, берзанските индекси на акции во глобални рамки достигнаа нови историски највисоки нивоа, а цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната забележаа намалување. Од друга страна, цените на државните обврзници во САД имаа пораст којшто беше поизразен на средните и долгите рочности, главно под влијание на ставовите пренесени во записникот од состанокот на ФЕД дека сè уште е рано за намалување на монетарната поддршка, стои во соопштението. лв/дма/

Остани поврзан