На фестивалот „Музика од светот“ во Битола гостува групата „Коза Мостра“ од Грција
- Фестивалот на „Музика од светот“ во Битола продолжува со целовечерен концерт на една од најпопуларните грчки групи „Коза Мостра“ која на публиката во битолскиот Центар за култура ќе и понуди репертоар комбиниран со балканска музичка традиција.
Битола, 30 ноември 2025 (МИА) - Фестивалот на „Музика од светот“ во Битола продолжува со целовечерен концерт на една од најпопуларните грчки групи „Коза Мостра“ која на публиката во битолскиот Центар за култура ќе и понуди репертоар комбиниран со балканска музичка традиција.
Групата „Коза Мостра“ од Солун постои 13 години, како претставник на Грција учествувале на Евровизија, а во 2013 година приредија концерт во античкиот театар во Охрид, изјави за МИА, во пресрет на вечерашниот концерт, Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
- Нашите гости од соседна Грција вечер ќе презентираат музичка енергија содржана од традиционалното и фолклорното, дополнето со динамичен хард рок, хеви метал, ска и диско елементи. Групата „Коза Мостра“ настапувала на бројни меѓународни фестивали, а во Битола доаѓаат директно од Полска каде гостуваа на фестивал во таа држава. За нас како организатори и домаќини е чест што вечер меѓу другите, наши гости ќе бидат и амбасадорката на Грција во Македонија и конзулот на Грција во Битола, најави Илковски.
Фестивалот на „Музика од светот“ завршува утревечер со настап на пијанистката од Русија со уметничко име Гамазда (Александра Кузнецова).
-Од Гамазда очекуваме незаборавна пијано вечер. Гамазда на концертите има специфичен и уникатен стил. Таа рок класиците од 80-тите и 90-тите години ги презентира автентично и со моќен рок дух. Впрочем нејзините видеа имаат милионски прегледи на YouTube, нагласи Илковски и додаде дека завршниот фестивалски концерт ќе се одржи во салата на битолскиот театар во која претпладнево подготвивме посебна сцена.
Фестивалот на „Музика од светот“ чиј домаќин и организатор е НУ Центар за култура-Битола се одржува со поддршка на Министерството за култура и Оштина Битола. мт/ев/
ФОТО: МИА