На Тајван регистрирани први случаи на африканска свинска чума
- На Тајван се регистрирани првите случаи на африканска свинска чума, поради што властите уништија најмалку 195 свињи и наредија строги мерки низ целиот остров, соопшти денеска Министерството за земјоделство.
Тајпеј, 22 октомври 2025 (МИА) – На Тајван се регистрирани првите случаи на африканска свинска чума, поради што властите уништија најмалку 195 свињи и наредија строги мерки низ целиот остров, соопшти денеска Министерството за земјоделство.
Министерството соопшти дека тоа го покажале резултатите од вчерашната анализа на угинатите свињи од фарма во крајбрежниот град Тајчунг.
Според министерството, на фармата „превентивно биле уништени 195 свињи“. Фармата потоа била исчистена и дезинфицирана, а контролна зона е воспоставена во радиус од три километри околу фармата.
Властите наредија петдневна забрана за движење и колење на свињи низ целиот остров почнувајќи денеска од пладне.
Министерот за земјоделство на Тајван, Чен Ѓун Ѓи, соопшти дека сојот на вирусот ќе биде изолиран и потоа пријавен до Светската организација за здравје на животните.
- Изолацијата на вирусот трае две недели, но не можеме да чекаме. Мораме да ги примениме највисоките стандарди за да го спречиме и контролираме овој случај на африканска свинска чума, рече Чен.
Африканската свинска чума, која е речиси секогаш фатална за свињите, не ги погодува луѓето или другите животни надвор од семејството на свињите.
Тајван забранува внесување на какво било месо или месни производи без соодветен преглед и карантин, со казни до милион тајвански долари (околу 28.000 евра).
Чен рече дека најверојатен пат на пренесување е нелегалниот увоз на производи од свинско месо, кои на крајот преку системите за отстранување на отпадот од храна стигнуваат до фармите за свињи.
Во 2019 година, милиони свињи беа убиени во Кина и Виетнам додека вирусот се ширеше низ Азија.
Според извештајот на Светската организација за здравје на животните за африканската чума од октомври, моментално во Азија епидемија на свинска чума е потврдена само во Јужна Кореја. јт/
Фото: МИА архива