• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден, 1934 година, роден е Петре М.Андреевски

На денешен ден, 1934 година, роден е Петре М.Андреевски
Скопје, 25 јуни 2021 (МИА) – „Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот“, ќе напише Петре М.Андреевски во второто писмо за Дениција посочувајќи ѝ дека во неа се границите на целокупна Македонија, и дури ја љуби неа, ја љуби сета татковина. Поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Еден од најталентираните, најпопуларните и незаменливи уметници на македонското тло. Денеска, македонското творештво одбележува 87 години од раѓањето на еден од најголемите доајени на пишаниот збор, стих, роман, Петре М.Андреевски. Од неискоренливиот „Пиреј“ до безвременската „Дениција“ и исконската „Касни порасни“. Неговото перо остави многу страници романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност во кои и ден денеска уживаат сите, а достапни се и на повеќе јазици помеѓу кои српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански и јапонски. Помеѓу најпознатите дела се вбројуваат и стихозбирките „Јазли“ (1960) „И на небо и на земја“ (1962), романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988) „Последните селани“ (1997) „Тунел“ (2003), книга со драми (1984), во која влегуваат „Време за пеење“ и „Богунемили“ и есејот „Сегашно минато време“ (2006). Неговите ремек дела му донесоа многу награди помеѓу кои: 11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Животот на Петре М.Андреевски, кој припаѓаше на третата генерација повоени македонски писатели, згасна на 25 септември 2006 година, на 72 години. „Второ писмо“ – Петре М. Андреевски (Од циклусот Пет љубовни писма) Паметувам: тебе ти прилегаше сè, како и на силот и смилот што ме потчинуваа однадвор, а ме храбреа однатре. Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот, ти беше и моето незавршено минато и затоа јас те чував и прашував за тебе. Молњата што минува низ тебе во мене се одразува и јас живеам затоа што знам дека и ти живееш. Јас сум твој роб за да ја прославам слободата и тие летни жеги околу твојот појас и тие ладни меани во твоите пазуви и тие кавги на ветровите пред твоите поли и моето време што беше во твоето. Паметувам: што читаше дури читаше и што – кога не читаше, како легнуваше навечер, како се проѕеваше наутро и како денот го продолжуваше со својата насмевка, возбудлива ко квечерина во отворена калинка. Во тебе беа границите на Целокупна Македонија и јас дури те љубев, ја љубев сета татковина. Ти стигнуваше пред своето тело, пред својот глас во кого ме допираа недопрени води. Ти беше мојот Тримир и мојот Светилеб и моето прогонство беше за да бидат целосни твојата волја, а мојата неволја. На дното од морињата, на врвот од копната ти секаде прва: и пред зракот и сред мракот. ар/лв/  

Остани поврзан