На Дебарско Езеро од денеска забрана за риболов на скобал
- Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро, од денес е воведена забрана за риболов на скобал (скобуст).
Дебар, 15 април 2022 (МИА) - Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро, од денес е воведена забрана за риболов на скобал (скобуст).
- Од денеска во сила е забраната за риболов на скобал што ќе трае до 15 мај. Ги замолуваме спортските риболовци да ја почитуваат забраната. Членовите на нашето друштво, како и рибочуварска служба постојано се во обиколка на езерото, изјавија од Спортското риболовно друштво „Трофта“, кое е концесионер на езерото.
Додаваат дека следниот месец ќе има забрана за лов на клен, крап и црна мрена.
- Забраната за лов на крап ќе почне од 15 мај и ќе трае до 30 јуни, кога ќе има забрана и за лов на црна мрена, додека од први до 31 мај ќе биде воведена забрана за лов на клен. Во овој период дозволен е риболов на плашица и на пастрмка, за која пак забрана се воведува од први октомври па се до 31 јануари, велат од друштвото.
Посочуваат дека целта на друштвото како концесионер е да го заштитат рибниот фонд на Дебарско Езеро, во што одлична соработка имаат со припадниците на дебарската полициска станица. вт/сх/