• понеделник, 23 декември 2024

На граничниот премин Богородица за излез се чека 30 минути

На граничниот премин Богородица за излез се чека 30 минути

Скопје, 18 јуни 2023 (МИА) - На граничниот премин Богородица има зголемена фреквенција и чекањето за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат утрово од АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Како што информираат од АМСМ, од вчера затворена е една лента од мостот на Црвенска река на магистралниот пат А3 делница Македонска Каменица – Делчево, поради поголема безбедност на сообраќајот. Темелите на мостот на Црвенска река беа оштетени од поплавите кои на 14-ти овој месец ги зафатија Делчево и околината. Затварањето е извршено со прописна верикална сигнализација и сообраќајот на мостот се врши наизменично во двата правца по една коловозна лента. 

-Поради излевање на Крива река, во прекин ќе бидат локалните патишта од Крива Паланка кон село Варовиште и село Градец. Исто така, во село Пчиња (Куманово) има собрани дрвја и гранки под мостот на р.Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот, се наведува во соопштението.

Од АМСМ до учесниците во сообраќајот препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. дма/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан