• петок, 22 ноември 2024

Најсериозниот кандидат за вакцината против коронавирусот не ги заштитил мајмуните

Најсериозниот кандидат за вакцината против коронавирусот не ги заштитил мајмуните
Лондон, 18 мај 2020 (МИА) - Кандидатот за вакцина против коронавирусот од Универзитетот во Оксфорд не го запира вирусот во мајмуните и можно е тој да е само делумно ефикасен, предупредуваат експертите, пишува британски „Телеграф“. Тестирањето на мајмуните не го запрело ширењето на вирусот меѓу животните и предизвикало сомнежи за неговата ефикасност кај луѓето и понатамошниот напредок во истражувањето. Кандидатот за вакцина во моментов исто така се тестира и врз луѓе во Велика Британија. Владата веќе договори производство на повеќе од 30 милиони дози ако тестирањата се успешни, а во истражувањето се инвестирани повеќе од 50 милиони фунти. - Сите мајмуни што ја примија вакцината во Оксфорд се заразија. Немаше разлика во состојбата на вакцинираните и невакцинираните мајмуни, сите беа заразени, напиша доктор Вилијам Хеселтин, поранешен професор на Харвард, во напис за „Форбс“. Џонатан Бал, професор по молекуларна вирологија на Универзитетот во Нотингем, вели дека ваквите податоци сугерираат дека кандидатот за вакцината во Оксфорд не може да го спречи ширење на вирусот. - Тоа што немаше разлика во состојбата меѓу вакцинираните и невакцинираните мајмуни е многу значајно. Ако истото се случи и со луѓето, вакцината нема да го спречи ширењето на заразата. Верувам дека ова откритие бара преиспитување на тестирањето на истата вакцина врз луѓе, рече тој. Досега, секоја фаза од истражување за оваа вакцина беше успешна и најавено е евентуално пласирање на пазарот уште оваа есен, ако се оди добро. Вакцината во Оксфорд имаше статус на најсериозен кандидат за борба против коронавирусот, но експертите се согласуваат дека ова е секако чекор назад, додава „Телеграф“. јт/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан