Регионална конференција за интернет-слобода
- Во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) од денеска до 20 јуни во Скопје ќе се одржи регионална конференција за интернет-слобода. На конференцијата, како што најавуваат од БИРН, ќе присуствуваат експерти од областа на дигиталните права и слободи од сите релевантни полиња, како и на институции задолжени за политиките поврзани со интернетот.
Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) од денеска до 20 јуни во Скопје ќе се одржи регионална конференција за интернет-слобода.
На конференцијата, како што најавуваат од БИРН, ќе присуствуваат експерти од областа на дигиталните права и слободи од сите релевантни полиња, како и на институции задолжени за политиките поврзани со интернетот.
Меѓу нив ќе има владини претставници, граѓански организации, активисти за дигитални права, академици, новинари и ентузијасти за технологија и интернет политики од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
-Во текот на трите дена од настанот, говорниците и учесниците ќе разговараат за дигитално управување, приватност и заштита на податоците, за онлајн дезинформации и насилен екстремизам, за одговорна употреба на вештачка интелигенција, за родово засновано насилство преку информатичките и комуникациските технологии (ИКТ), како и за регионалните иницијативи за управување со интернетот каде учествуваат повеќе засегнати страни. се вели во соопштението од БИРН.
Конференцијата ќе ја отворaт Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
Настанот, посочуваат од БИРН, ќе резултира со клучни пораки кои ќе бидат вклучени во натамошното креирање препораки, како и подобрување во известувањето и подигнувањето на свеста за медиумите и форумите за политики на национално, регионално и меѓународно ниво од гледна точка на Западен Балкан. Тој е организиран како дел од проектот Известување за дигитални права и слободи и е поддржан од Европската комисија. сст/са/
фото МИА архива