• понеделник, 25 ноември 2024

„Танец“ на турнеја во регионот, ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука

„Танец“ на турнеја во регионот, ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Под мотото „Танец  - 75 години македонски код“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ од денеска ќе биде на балканска турнеја со четири концерти. 

„Танец“ утре (20 септември) ќе настапи во КИЦ „Будо Томовиќ“ во Подгорица, в недела (22 септември) во „Цанкарјев дом“ во Љубљана, во вторник (24 септември) ќе гостува на сцената во „Ватрослав Лисински“ во Загреб и идниот петок (27 септември) во салата „Борик“ во Бања Лука.

-Публиката во регионот секогаш знаела да ја цени извонредноста на „Танец“ и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот македонски музички фолклор, соопшти прес-службата на ансамблот. 

Оттаму информираат дека на концертите ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на „Танец“ – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“. 

-Секако, нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други, се наведува во соопштението. 

Турнејата е во рамките на јубилејната година на ансамблот, кога се прославува 75-годишнината од неговото основање. Како и останатите концерти во сезоната, турнејата ќе се реализира под мотото „Танец  - 75 години македонски код“

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и претставува еден од најважните столбови на македонската култура и традиција. Во изминатите седум и пол децении „Танец“ има настапувано на најпрестижните сцени низ цел свет, со повеќе од 5000 концерти. хс/са/ 

Фото: Национален ансамбл за народни игри и песни „Танец“ 

 

 

 

Остани поврзан